АВИОЛИНИЈАТА СОФИЈА-СКОПЈЕ Е НЕИСПЛАТЛИВА И ЗА АВИОКОМПАНИЈАТА И ЗА ПАТНИЦИТЕ, ВЕЛИ ВОЗДУХОПЛОВНИОТ ЕКСПЕРТ ЃОРЃИ ЧАЧКИРОВ

    АВИОЛИНИЈАТА СОФИЈА-СКОПЈЕ Е НЕИСПЛАТЛИВА И ЗА АВИОКОМПАНИЈАТА И ЗА ПАТНИЦИТЕ, ВЕЛИ ВОЗДУХОПЛОВНИОТ ЕКСПЕРТ ЃОРЃИ ЧАЧКИРОВВо 90-тите години од минатиот век на линијата Софија-Скопје леташе „Хемус Ер“. - Јаковлев Јак-40 на „Хемус Ер“ (Фото: Викимедија Комонс)

    Најавената авиолинија Софија-Скопје нема да биде исплатлива ниту за авиокомпанијата, ниту за патниците, освен ако не биде субвенционирана, вели Ѓорѓи Чачкиров, сообраќаен инженер – професионален пилот, поранешен директор на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба и директор на летачки оперативи на Палер Македонија и МАТ.

    Според најавите на бугарскиот и македонскиот министер за транспорт, линијата треба да почне да функционира на почетокот на март, а доаѓа по ветувањето на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој кажа дека тоа е компромис од бугарската страна во преговорите со Македонија, бидејќи тие ќе ја финансираат линијата.

    Чачкиров вели дека оваа линија е нeпрактична од аспект на најбрзо пристигнување до посакуваната дестинација и објаснува:

    „За меѓународни летови, патниците треба да пристигнат на појдовниот аеродром час и половина до два часа пред предвиденото планиран време за соодветниот лет. Причините за тоа се општо познати и опфаќаат реализација на меѓународните законски царински, полициски и безбедносни контроли и процедури. Времето на летање, во една насока, зависно од типот на авионот и аеродромските процедури, би изнесувало околу 30-45 минути. Ако се направи кус преглед на времетраењето на патувањето од Скопје кон Софија или обратно, тоа би изгледало вака: тргнување од дома најмалку 45 минути (а во Софија и повеќе) пред времето за пристигнување на аеродромот, следат околу 2 часа за проверки, потоа половина час или 45 минути летање и околу еден час по пристигнувањето, пасошки и царински контроли, до излегување од аеродромот и повторно половина час до час транспорт до центарот на градот. Според оваа математика, ако се патува со авион од или до Скопје, потребно е да се планира вкупното време на патување од околу 4-5 часови“.

    Понатаму, вели тој, колку е дестинацијата покуса, толку е цената повисока, базирано на прелетан километар. Чачкиров вели дека во цената ќе треба да се пресметаат трошоците за аеродромски такси кои не зависат од должината на летот и на сето тоа да се додаде и транспортот до појдовниот и аеродромот на дестинација.

    „За секоја авиокомпанија, сигурно, најскапи се кусите дестинации. Причините се едноставни: се искористуваат ‘циклусните’ ресурси на авионите и нивните одделни делови (мотори, подвоз, агрегати и сл.), а потоа и не многу ефективно искористување на летачкиот, техничкиот и кабинскиот персонал. Врз основа на сето претходно изнесено, однапред можам да тврдам дека, доколку оваа авиолинија не биде субвенционирана, нема да биде, ни малку ‘евтина’, а уште помалку исплатлива за авиокомпанијата која ќе ја реализира, како и за патниците на овие летови. Тоа е основната причина зашто ваквите куси летови ги нема ниту кај нискотарифните авиокомпании“, вели Чачкиров.

    Македонскиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски викендов кажа дека за линијата е заинтересирана авиокомпанијата „Гуливер“, која во моментов оперира само една редовна линија, внатрешната Софија-Бургас, а на нивниот сајт има најава дека наскоро ќе се отвори и линија Софија-Тирана. „Гуливер“ има флота од 6 авиони, три широкотрупни Ербас А330 за прекуокеански летови и три мали турбо-пропелерски АТР-72 за куси дестинации.

    Бугарскиот министер за транспорт и комуникации Николај Сабев претходно кажа дека линијата Софија-Скопје ќе биде субвенционирана од државата на почетокот, а потоа ќе се види протокот на патници во двете насоки за да може да се направи точна анализа дали може да опстане.

    Првите летови меѓу Скопје и Софија почнаа есента 1992 година, кога авиокомпанијата „Хемус Ер“ леташе со Лет Л-140, кој собира 18 патници. Подоцна се леташе со поголемите авиони Јаковлев Јак-40 и Тупољев Ту-140, бидејќи ја користеа патници од Косово за врзаната линија Софија-Осло. Но, по неколку години интересот се намали и летовите запреа.

    По влезот на Бугарија во ЕУ, во декември 2007 година беше обновена линијата Софија-Скопје. Овојпат леташе „Бугарија Ер“, трипати неделно со АТР-42, со капацитет од 40 патници, по цена од 49 евра. Но, и овие летови не успеаја да привлечат доволно патници и повторно беа укинати.

    Последниот обид да се востанови линијата беше во 2010 година и тоа траеше кратко.

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира