ЗА БУГАРИЈА СЕГА И КОРУПЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА Е ПРЕЧКА ЗА ЕУ, ИСТО КАКО КОЧЕЊЕТО НА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, СПОРЕД НОВ НОН-ПЕЈПЕР ВО БРИСЕЛ

    ЗА БУГАРИЈА СЕГА И КОРУПЦИЈАТА ВО МАКЕДОНИЈА Е ПРЕЧКА ЗА ЕУ, ИСТО КАКО КОЧЕЊЕТО НА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, СПОРЕД НОВ НОН-ПЕЈПЕР ВО БРИСЕЛДржавниот авионот на Бугарија на Скопскиот аеродром во мај 2021 година, кога бугарскиот претседател Румен Радев дојде да го земе македонскиот колега Стево Пендаровски на заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј во Рим. (Фото: Ѓ. Личоски)

    Во европските институции во Брисел веќе десетина дена циркулира нон-пејпер, во кој се изнесуваат бугарските ставови за евроинтегративниот процес на Македонија и исполнувањето на обврските кон Европската Унија. САКАМДАКАЖАМ.МК имаше увид во овој неформален документ испратен до амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел, во кој се тврди дека актуелната влада во Скопје развила манипулативен наратив во обид да изгради алиби за недостатокот на напредок и да ја префрли одговорноста од себе на надворешни фактори.

    Во документот се вели дека Бугарија постојано изјавува оти не постојат дополнителни услови освен целосното спроведување на ЕУ консензусот од јули 2022 година, („францускиот предлог“ – н.з.), но истовремено укажува дека нема да се исклучи од процесот на одлучување во текот на преговорите, па затоа покрај досегашните поврзани со барањето за внесување на Бугарите во Уставот, ги нотира и забелешките за корупција. Според Бугарија, оваа позиција се заснова на постојаните негативни наоди кои се содржани во последните извештаи на Европската комисија за напредокот во процесот на проширување при што се наведува дека официјална Софија ќе посвети посебно внимание на тоа како се спроведуваат антикорупциските мерки во Македонија.

    Во нон-пејперот се вели дека ендемската корупција е примарната причина поради која Македонија нема напредок во најважните реформски области. Бугарија смета дека корупцијата го оневозможува воспоставувањето на владеењето на правото и го кочи развојот на судството и на демократските институции. Во нон-пејперот се додава дека ваквата состојба ги загрозува и темелните права на граѓаните, вклучувајќи ги и правата на заедниците во државата.

    Во однос на јазикот и идентитетот, во нон-пејперот се наведува дека Бугарија не го оспорува правото на самоидентификација на граѓаните и дека идентитетските прашања не спаѓаат во опсегот на процесот на пристапување во ЕУ и политиката за проширување на ЕУ.

    Тоа се етно-националистички обележја на специфичен идентитет во мултиетничко општество, стои во документот до кој дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, и се додава дека воведувањето во агендата на теми кои се однесуваат на идентитетот, а кои се надвор од рамката на процесот на проширување, претставува опасен преседан, кој ризикува да го отвори патот за слични спорни теми да го најдат својот пат во еквивалентни или дури и неповрзани процеси. Обидите на Скопје да ги воведе овие теми имаат за цел да го оправдаат неуспехот во исполнувањето на своите обврски кон човековите права како основна европска вредност, пишува во нон-пејперот.

    Во неформалниот документ се вели дека речиси четири години по постигнатиот договор со ЕУ, Скопје не успеало да го спроведе. Тоа се толкува како модел на формално преземање обврски кои не се реализираат во пракса. Како пример се посочува и непочитувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година.

    Бугарија тврди дека го исполнила својот дел од пакетот со одобрување на договорот со Фронтекс и почетокот на скрининг процесот.

    Според бугарскиот нон-пејпер, станува очигледно дека сериозен системски проблем е недостигот на политичка волја за спроведување тешки, но суштински реформи. Тоа се прикрива со барања за ревизија на договорената рамка, што лажно се оправдува со вештачко вклучување прашања кои се сосема неповрзани со процесот на проширување.

    Овој пристап е главната пречка за постигнување на заедничката цел, а тоа според Бугарија, е успешно отворање на пристапните преговори. Како резултат на тоа, македонските власти активно се ангажираат во обиди да го заобиколат, да го репреговараат или отворено да го отфрлат ЕУ консензусот.

    Бугарската страна го отфрла предлогот на македонските власти за одложено влегување во сила на уставните измени. Во документот се објаснува дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е само почетна точка за заштита на нивните права, а одложеното дејство е спротивно на логиката на европскиот консензус.

    На крајот, се додава дека актуелните геополитички околности нудат единствена шанса за напредок, но тој прозорец нема да биде отворен засекогаш и бара вистинска политичка волја за суштински реформи.

    Нон-пејпер е неформален, неофицијален документ што се користи во дипломатијата особено во рамките на ЕУ, за да се пуштат во оптек идеи, да се тестираат реакциите на одредени предлози или да се гради консензус, без авторот правно да се обврзе. Овие документи немаат формален статус, што овозможува доверливи преговори, повлекување или ревидирање на позициите затоа што е необврзувачки документ.

    Бидејќи може да не биде потпишан или припишан на конкретен автор, им овозможува на страните да разгледуваат чувствителни политички опции без официјално да ги поддржат. Често се користи во Советот на Европската Унија, а обично го циркулира земја-членка, претседателството со Советот или Европската комисија.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира