Трите авиони за гасење пожар „Ер Трактор“ кои повеќе од две години не се извадени од хангарите зашто не се сервисирани, сепак ќе се сервисираат откако сервисер ќе се најде со директно преговарање.
И последната јавна набавка пропадна откако се јавиле добавувачи (сервисери) со енормно високи суми за сервис на леталата.
„Немам намера да кршам закон, а ни Бирото за јавни набавки не дозволува да ја платиме сумата што ја бара сервисерот. На пример, за услугата бара сума која што е дури над 40 отсто повисока од таа што ја овозможува Законот за јавни набавки. Во моментов тече рокот за жалби по објавениот тендер. За една недела Државната комисија за жалби по јавни набавки ќе одлучи што да правиме понатаму“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Беким Максути.
По два пропаднати тендера, се отвора патот за наоѓање сервисер со директно преговарање. Со оглед на тоа дека изборот е мал, ДЗС ќе мора ако сака да ги оспособи авионите, да преговара со истиот добавувач, и ќе мора да ја плати превисоката сума што ја бара. Но, засега според Законот за јавни набавки, тоа е невозможно, незаконски е. Мора уште еднаш да се остави да падне тендерот поради превисоката сума.
Директорот вели дека авионите „Ер Трактор“ не работат од лани. Има пожари, вели, цело време. Засега се крпи работата со пожарникари, со вработени од Македонски шуми и со армискиот хеликоптер.
И да се сервисираат и вратат во летечка состојба, авионите се активираат само во краен случај, кога се исцрпуваат сите претходни можности. Ова е многу скапа работа, вели директорот.
На прашање, Максути вели дека пилоти има, редовно се обучуваат кај истиот сервисер кој има монопол во Европа и дека нови ќе почнуваат со почетна обука.
С. К. ДЕЛЕВСКА