АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД СЕ ГРАДИ ОД МАЈ 2014, ЦЕНАТА МУ ПОРАСНА ЗА 45 ОТСТО И НИКАКО ДА СЕ ЗАВРШИ, ВЕЛАТ ДРЖАВНИТЕ РЕВИЗОРИ

    АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД СЕ ГРАДИ ОД МАЈ 2014, ЦЕНАТА МУ ПОРАСНА ЗА 45 ОТСТО И НИКАКО ДА СЕ ЗАВРШИ, ВЕЛАТ ДРЖАВНИТЕ РЕВИЗОРИИ покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата Кичево – Охрид не е изградена. (Фото: СДК.МК)

    Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатираше дека поради појавени непредвидливи и дополнителни работи биле направени измени и дополнувања на основните проекти – варијации, чии број се движи од една до 42 промени соодветно по проекти, како и продолжувања на рокот за градење на делниците од осум месеци до шест години, во извештајот за работата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за 2022 година.

    Најмногу варијации, најголемо продолжување на рокот и зголемување на вредноста на договорот од 45% (187 милиони евра) има кај изградбата на патната делница Кичево – Охрид.

    „Според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради, најголем проект, претставува изградбата на патната делница Кичево – Охрид, чија должина изнесува 56,7 километри, а чиј износ заклучно со декември 2022 година изнесува 31.597.364 илјади денари (приближно 512 милиони евра), односно за изградба на 1 km од оваа патна делница, до крајот на 2022 година инвестирани се 557.273 илјади денари (приближно 9 милиони евра). До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра“, велат од ДЗР.

    И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата Кичево – Охрид не е изградена.

    „Во мај 2014 година започнала изградбата на патната делница Кичево – Охрид. За таа цел во јануари 2014 година, склучен е договор за заем помеѓу банка од НР Кина (заемодавач) и ЈП за државни патишта (заемопримач) во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари. Од спроведениот теренски увид ревизорите констатирале дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба. Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево – Охрид се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите)“, велат од ДЗР.

    До денот на завршување на ревизијата, на прва, втора и четврта подделница на делницата Кичево – Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, а можни се и нови, кои дополнително влијаат на потреба од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на дополнителни финансиски средства.

    ДЗР констатирал и состојби кои претставуваат нерационалното користење на јавни средства и ја доведуваат во прашање нивната оправданост. Имено, во периодот од 2015 до 2022 година направени се вложувања во проекти и недовршени градби, трошоци по основ на камати, еднократни и провизии за неповлечени средства, експропријации и други непознати трошоци, во вкупен износ од 1.924.211 илјади денари (приближно 31 милиони евра), за кои поради недоволни информации и/или соодветна документација не е позната потребата од нивна набавка и нивната употребна вредност.

    Со извршената ревизија е утврдено дека електронскиот систем за наплата на патарините е функционален во текот на цела година кај 7 наплатни станици, во последните шест месеци од 2022 година уште кај 2 наплатни станици, а 5 наплатни станици немаат воспоставена електронска наплата на патарина.

    Притоа со анализа е констатирано дека во просек само 13% од вкупно остварените приходи од патарини во 2022 година се со примена на електронска наплата преку користење на смарт картица и уред М–таг. Најголема примена на системот е забележана кај наплатната станица Гевгелија од 29%, додека најмала е примената кај наплатната станица Преод од 13%.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира