БАЧЕВ НА ИНФОРМАТИВЕН РАЗГОВОР ВО ПОЛИЦИЈА ПОРАДИ ЗАКАНИ НА ФЕЈСБУК

    БАЧЕВ НА ИНФОРМАТИВЕН РАЗГОВОР ВО ПОЛИЦИЈА ПОРАДИ ЗАКАНИ НА ФЕЈСБУКЛидерот на десничарската проруска партија Единствена Македонија, д-р Јанко Бачев со руско знаме и со знамето со ѕвездата од Вергина в раце се качи на полициската оклопна кола за време на протестот пред Собранието на 17 јуни против Договорот со Грција за името (Фото: Фејсбук/Радио Слободна Европа)

    Јанко Бачев, претседател на партијата Единствена Македонија, попладнево е задржан на информативен разговор во полициска станица, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.

    Бачев е викнат на информативен разговор поради закани кои ги упатил преку Фејсбук.

    Претседателот на проруската партија неколкупати преку социјалните мрежи им се закануваше на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што гласаа за потребата од уставни промени во врска со Договорот за името со Грција.

    Лидерот на десничарската проруска партија Единствена Македонија д-р Јанко Бачев, на 17 јуни со руско знаме и со знамето со ѕвездата од Вергина в раце се качи на полициската оклопна кола на протестот пред Собранието против Договорот за името со Грција, кој заврши со судир меѓу демонстрантите и полицијата при обид да се пробие кордонот и имаше и повредени полицајци и протестанти.

    Меѓу оние кои пробаа да го пробијат полицискиот кордон беше и Бачев, кој во еден момент се издвои од групата демонстранти и се качи врз оклопното возило и ги развеа знамињата, се задржа така неколку минути, а потоа на барање на полицаец се симна.

    Неговата партија Народно движење за Македонија во јануари годинава го смени името во Единствена Македонија, а се залага за стратешко партнерство со Русија и е против зачленување на Македонија во НАТО и Европската Унија.

    Бачев е професор на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ на чиј сајт стои дека е официјален руски партнерски универзитет.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари