Американскиот претседател Џо Бајден потпиша Извршна наредба за замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан, вклучувајќи ги оние лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор, соопшти Белата куќа.
„Јас, Џозеф Бајден Помладиот, претседател на САД, го проширувам опсегот на итната состојба објавена со Извршната наредба 13219 од 26 јуни 2001 (Замрзнување на имот на лица кои ги загрозуваат меѓународните напори за стабилизација на Западен Балкан), прецизирана со Извршната наредба 13304 од 28 мај 2003 (Прекинување на итната состојба во врска со Југославија и модификација на Извршната наредба 13219 од 26 јуни 2001), наоѓајќи ја ситуацијата на територијата на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Република Албанија (Западен Балкан), изминативе две децении, вклучувајќи го поткопувањето на поствоените договори и институции по распадот на поранешната СФРЈ, како и широкораспространетата корупција во разни влади и институции во Западен Балкан, го отежнуваат напредокот кон ефективно и демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските институции и затоа претставуваат невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“, се вели во Извршната наредба.
Затоа, тој наредува да бидат замрзнат сиот имот и интереси што се во САД на лица кои ќе ги одреди Секретарот за финансии, во консултација со Државниот секретар.
Станува збор за лица кои:
- се одговорни, директно или индиректно, за закани по мирот, безбедноста, стабилноста или по територијалниот интегритет на која било област или држава во Западен Балкан.
- се одговорни, директно или индиректно, за поткопување на демократските процеси или институции во Западен Балкан.
- се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во дејствие кое го попречува или е закана по имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на ОН, Дејтонскиот договор итн.
- се одговорни, директно или индиректно, за сериозни прекршувања на човековите права во Западен Балкан.
- се одговорни, или се вклучени директно или индиректно во корупција поврзана со Западен Балкан, вклучувајќи корупција поврзана со влада во Западен Балкан, или актуелен или поранешен владин функционер од кој било ешалон на власта во Западен Балкан, како злоупотреба на јавни фондови, експропријација на приватен имот или средства за лична корист или за политички цели, или поткуп.
На лицата кои исполнуваат еден или повеќе од овие критериуми им се забранува влез во САД, бидејќи тоа, како што вели Бајден во Извршната наредба, е во спротивност со интересите на САД.
Претседателот Бајден го задолжува Државниот секретар да ја имплементира оваа наредба, бидејќи се однесува на издавањето визи за влез во САД, а наредбата ќе ја имплементира и Секретарот за внатрешна безбедност.
За делот од наредбата за замрзнување на имот, задолжен за спроведување е Секретарот за финансии, во консултација со Државниот секретар.