БАРАТЕЛИТЕ НА АМНЕСТИЈА КОИ НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ ВЕДНАШ ЌЕ ДОБИЈАТ ОДГОВОР, ЗА ОСТАНАТИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ СЕ КОНСУЛТИРА ВО РОК ОД 5 ДЕНА

    БАРАТЕЛИТЕ НА АМНЕСТИЈА КОИ НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ ВЕДНАШ ЌЕ ДОБИЈАТ ОДГОВОР, ЗА ОСТАНАТИТЕ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ СЕ КОНСУЛТИРА ВО РОК ОД 5 ДЕНАОбвинетиот пратеник Крсто Мукоски заедно со колегата Сашо Василевски, со кого отворија по една собраниска врата за да влезе толпата, и останатите тројца обвинети пратеници ќе се сметаат во групата обвинети кои биле заведени од организаторите и ќе бидат амнестирани. (Фото: СДК.МК)

    Ако Основниот суд Скопје 1 на обвинето или осудено лице кое поднело барање за амнестија му одговори веднаш, тоа значи дека не ги исполнува законските услови, не му е одобрено барањето и се враќа во судскиот процес за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Ако не му одговори веднаш на барателот, тоа значи дека обвинителството за организиран криминал и судот ќе ги разгледуваат доказите, ќе се консултираат и во рок од законските 5 дена ќе донесат одлука, објаснуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Републичкото обвинителство.

    Од Обвинителството велат дека од досегашните изведени докази, уделот на дел од 33-цата обвинети кои не може да бидат во никој случај амнестирани, е очигледен, јасен и виден на снимките што ги виде целата јавност, но и преку огромниот корпус на материјалните докази презентиран на судењето. Но, има спорни лица со скриен идентитет, кои досега ги немаше на снимките дека прават некакво кривично дело, а не беа ни спомнати во исказите на бројните сведоци кои со месеци даваа повеќечасовни сведочења за настанот.

    „Затоа на некои барања кои никако нема да можат да подлегнат под законот за амнестија ќе се одговори веднаш, за други можеби одлуките ќе треба да преноќат пред да се донесат“, велат обвинители кои ќе ја советуваат обвинителката Вилма Рускоска.

    Барањата за амнестија за 27 април се поднесуваат од петокот. Рокот е 5 дена. Основниот суд Скопје 1 треба во нареден рок од 5 дена, ако се исполнети условите од овој закон, да прибави мислење од надлежен јавен обвинител (Вилма Рускоска) и да донесе одлука. Процедурата вкупно би траела 10 дена. Уште не е официјално кажано дали судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска ќе ги носи одлуките за амнестија за незавршениот голем судски процес со 33 обвинети, меѓу кои се и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Митко Чавков, тоа ќе го прави кривичен совет на Основниот суд Скопје 1 од тројца судии, или ќе биде комбинација.

    Тие што нема да бидат амнестирани, се враќаат назад во судскиот процес, кој сега ќе биде со помалку обвинети. Право да бараат амнестија имаат и осудени лица за насилствата, кои беа во други судски процеси.

    Сите одбиени ќе имаат право во рок од 3 дена да поднесат жалба до Апелациониот суд Скопје, а тој во рок од три дена, да одлучи по жалбите.

    Право на амнестија немаат осомничени, обвинети, правосилно осудени како и лицата кои издржуваат казна затвор за настаните поврзани со настаните во Собранието на 27.04.2017 година, а за кои постои основано сомнение дека учествувале во подготвување или организирање на нападот или се правосилно осудени, а кои до денот на влегување во сила на овој Закон сториле кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл. 324 ст. 1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила, лица кои сториле насилство, лица кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по чл. 313 од Кривичниот законик, убиство по чл. 123, насилство по чл. 386 од Кривичниот законик.

    Според најавите на Рускоска, наскоро ќе се знае кои се осомничените организатори на нападот на Парламентот на 27 април лани, бидејќи ќе даде наредба за отворање на истрага. Постапката сè уште е во предистражна фаза.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира