Компанијата „Балкан енерџи груп“ (БЕГ), на која членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во 2012 година, во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, не само што ѝ подариле лиценци без тендер, туку со години во низа ѝ овозможувала да остварува приход поголем од регулираниот дозволен максимален приход, е оставена слободно да се заканува дека од утре ќе остави без парно 54.000 домаќинства, 95 образовни установи и 1.027 други објекти во Скопје.
Нема истрага за делот на незаконски дадените лиценци на БЕГ без јавен оглас и за признавањето на трошоците поголеми од дозволените. Кривичната пријава од МВР поднесена поименично против тогашните членови на Регулаторната, со детали и пресметана штета кон државата од 7 милиони евра (до 2019), фаќа прашина во ОЈО Скопје, а предметот 3 години уште е во предистрага.
Обвинителството најавува подетални информации од понеделник.
Одделот на МВР за организиран криминал и корупција кривичната пријава ја поднел уште на 22 мај 2019, против тогашниот претседател на РКЕ Димитар Петров и другите членови. Во првиот дел многу прецизно е опишано дека лиценците за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на трите фирми на БЕГ, во 2012 година биле дадени со проста одлука на членовите на РЕК.
„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против лицата Д. П. (51), вработен како Претседател и член на Регулаторна комисија за енергетика на Република Северна Македонија до јуни 2018 година, С. Ј. (61), вработена како член на Регулаторна комисија за енергетика на Р. С. Македонија, В. К. (65), вработен како член на Регулаторна комисија за енергетика на Р. С. Македонија до март 2017 година и Е. М. В. (51), вработена како член на Регулаторна комисија за енергетика на Р. С. Македонија до декември 2017 година, а поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело ‘злоупотреба на службена положба и овластување’ по чл.353 став 1 од КЗ на РСМ. Пријавените во својство на службени лица, Претседател и членови на РКЕ, со искористување на својата службена положба и со пречекорување на границите на своето службено овластување, постапиле спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности, при што во декември 2012 година на три правни субјекти им доделиле лиценци за вршење на енергетски дејности (регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија), без при тоа да бидат исполнети условите и критериумите објавени во ноември 2012 година со Јавен повик за избор на носител на лиценца за регулиран производител на топлинска енергија, Јавен повик за избор на носител на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија и Јавен повик за избор на носител на лиценца за снабдување на топлинска енергија“, стои првин во пријавата за трите тендери за лиценци што не биле распишани.
Во пријавата се наведени трите фирми кои на подарок ги добиле ексклузивните лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија: „Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“, „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“ и на „Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“.
Потоа, во пријавата е опишана и злоупотребата со овозможување и профит за БЕГ, по цена и да прави трошоци над максимално дозволените, спротивно на Правилникот за цени и системски услуги.
„Покрај ова, пријавените, од позиција на Претседател и членови на Регулаторна комисија за енергетика, ја злоупотребиле својата службена положба и ги пречекориле границите на своите службени овластувања, и со тоа што во 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година, противправно и спротивно на Правилникот за цени и системски услуги, донеле Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход за производство на топлинска енергија за греење, надоместок за системски услуги и системска резерва и тарифен став за произведена топлинска енергија, Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход и тарифни ставови за вршење на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија и Одлука за утврдување на регулиран максимален приход за вршење на дејноста дистрибуција на топлинска енергија, со што на трите фирми, на кои претходно противправно им доделиле лиценци за вршење на енергетски дејности, им се признавал трошок поголем од дозволениот и со тоа им било овозможено да остварат приход поголем од регулираниот дозволен максимален приход“, аргументирала полицијата.
Со овие злоупотреби на функциите, односно со носење одлуки спротивно на Законот за енергетика, Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности и Правилникот за цени и системски услуги, Д. П., С. Ј., В. К. и Е. М. В. му овозможиле на правното лице „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“, а на штета на граѓаните, да оствари противправна имотна корист во вкупен износ од 409.549.941 денари или 6.659.349 евра.
Вчера, БЕГ соопшти дека има пари за набавка на гас до крајот на денешниов ден, и предлага Владата времено да го преземе управувањето со компанијата почнувајќи од денеска, па сè до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона. Напролет, кога ќе заврши грејната сезона, Владата да ѝги врати фирмите-ќерки на управување на БЕГ за да си продолжи летно време да наплаќа сметки од граѓаните за парно.
По ова соопштение вчера, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски кажа дека БЕГ ќе остане без лиценца во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје, а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата.
„Предлогот што го понуди БЕГ за Регулаторната комисија е неприфатлив, имајќи предвид дека сите опции што ги понудија и Регулаторната комисија и Владата, БЕГ и ТЕ-ТО ги одбија. Се разбира дека одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе си ја преземе Владата кога веќе БЕГ кажува дека тоа нема да може да го прави од сабота, но затоа Регулаторната комисија ќе им ја одземе лиценцата за работата. Дополнително, нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот за тие во мај да се вратат како принцеви на бели коњи. Сè што треба да преземе државата за да си ги заштити граѓаните, ќе преземе“, вели Бислимоски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Во Обвинителството, неофицијално велат дека и друг аспект има оваа истрага, а тоа е начинот на приватизацијата на Топлификација, државна компанија градена со кредити од нашите претци, за која тужби и приватни кривични пријави имаат поднесено и дел од акционерите.
Во меѓувреме, кој е вистинскиот газда на БЕГ – никој не знае.
С. К. ДЕЛЕВСКА