Бензинските пумпи се незадоволни од одлуката на Регулаторната комисија за енергетика за намалување на маржата за нафтените деривати за 33 отсто. Тие реагирале во Регулаторна за новата одлуката со која маржата од 4.5 денари се намалува на 3 денари и е донесена како мерка за ублажување на ценовниот шок по зголемените цени на нафтените деривати.
„Од синоќа има реакции од трговците на оваа наша одлука. Бараме да имаат разбирање и да покажат солидарност. Штом се намали акцизата и ДДВ маржата повторно ќе се врати. Ова е единствен механизам кој на Регулаторна му стои на располагање. И сега го активираме затоа што ова се вонредни услови, и мора сите да покажат солидарност. На овој начин, во крајната цена влијаеме делумно да се амортизира огромниот пораст.“, велат од Регулаторната комисија.
Од Регулаторна објаснуваат дека цената на нафтени деривати се формира во пресметување на просек од последните пет дена на цените на светските берзи. Одлуките се носат на дневно ниво доколку зголемувањето или намалувањето е до 2 денари.
Со вчерашната одлука на Регулаторна комисија малопродажните цени на бензините се зголемија за 3,50 денари за литар, а на дизелот за 8,50 денари за литар.
И денеска се очекува нова одлука за поскапување на горивата со оглед на цените на светската берза.
Владата соопшти дека денеска ги испрати до Собранието измените и дополнувањата на Законот за ДДВЗ и на Законот за акцизи, кои се однесуваат на повеќе мерки, како намалување на повластената стапка на ДДВ за основните производи за исхрана од 5% на 0%, намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенси и за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на енергенси, намалување на акцизата согласно берзанските цени. Владата апелираше до пратениците веднаш да ги усвојат изменитеза да се заштити животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите.
А. АНТЕВСКА