Бесплатно тестирање со брзи тестови за ХИВ ќе се врши од денес до 7 јуни во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам“ на Водно секој работен ден од 16 до 20 часот и за време на викендот од 11 до 15 часот и во Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ секоја среда од 16 до 19 часот.
Со оваа акција Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување и Здружението ја одбележуваат Европската недела на тестирање за ХИВ. Станува збор за меѓународна иницијатива кон која се приклучуваат повеќе од 600 организации низ Европа за да ја подигнат свесноста за важноста на навременото тестирање за ХИВ и на пристапот до терапија за ХИВ.
Од ХЕРА додаваат дека за закажување граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950 во ХЕРА и0 78/431 866 во „Заедно посилни“.
„Тестирањата и советувањата за ХИВ се одвиваат согласно интерни протоколи за прием и нудење на услуги на клиенти за време на здравствената криза со ковид-19“, велат тие.
Годинава, пролетната недела на ХИВ тестирање кај нас се одбележува под насловот „ХИВ позитивни приказни: Животот го живеам во сите бои“. Преку кампањата што во следните седум дена ќе се случува на социјалните медиуми, ќе споделат приказни на 7 луѓе кои живеат со ХИВ во Македонија.
Според ХЕРА, денес се проценува дека во земјава околу 35 % од луѓето со ХИВ не го знаат својот ХИВ-позитивен статус, односно не се свесни дека се ХИВ-позитивни.
„Да се знае својот ХИВ-статус што порано е важно, затоа што денес благодарение на терапијата за ХИВ, која е достапна и бесплатна кај нас, луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго“, вели ХЕРА.