Според доказниот материјал во истрагата што ја отвори денеска Специјалното јавно обвинителство под називот „Талир“, уплаќањето средства од милионски донации на сметката на ВМРО-ДПМНЕ со украдени лични податоци на членството на ВМРО-ДПМНЕ, не бил единствениот начин на нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Првоосомничениот Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, како одговорно лице, е осомничен дека спротивно на законот за финансирање на политичките партии, обезбедил за ВМРО-ДПМНЕ да бидат обезбедени услуги од правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, во време на давањето услуги, имало склучен договор за доделување на јавни набавки.
„Второосомничениот, помогнат од останатите осомничени лица, склучил договор за соинвеститорство, при што недвижноста која била вложена во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ имала вредност од 76.445.600,00 денари, додека вкупните вложувања на ДГ ‘Бетон’ АД Скопје биле во вкупна вредност од 556.041.640,00 денари, од кои 424.733.242,00 денари била вредноста на изградениот објект, додека 131.308.398,00 денари биле уплатени на сметката на политичката партија на име регулирање на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од Договорот за соинвеститорство. Постои основано сомнение дека очигледниот несразмер на правата и обврските на договорните страни, во смисла на членот 15 од Законот за финансирање на политичките партии преставува донација од ДГ ‘Бетон’ АД Скопје кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па со оглед на фактот што тоа време ДГ ‘Бетон’ АД Скопје вршел и услуги по пат на договори за јавни набавки, истиот не можел да биде донатор“, објасни обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи.
Оттаму, првоосомничениот имал обврска да ја одбие донацијата или да ги уплати парите во Буџетот на Македонија за потоа тие средства, согласно законските одредби, да бидат искористени за хуманитарни цели.
„Доказите обезбедени во предистражната постапка упатуваат на основано сомнение дека првоосомничениот не постапил согласно ваквите законски одредби и со тоа овозможил незаконско финансирање на политичката партија. Имајќи го предвид наведеното постои основано сомнение дека 5 лица сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, по член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 од КЗ, од кои двајца во својство на директни извршители, додека тројца во својство на помагачи“, изјави Фетаи.
Фетаи кажа дека оваа обемна предистражна постапка успеа да ги идентификува лицата од раководството на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за кои постои основано сомнение дека, „иако се прикажувале себе си како совесни луѓе кои што работеле навидум за интересите на партијата и стекнале имот за партијата, сепак за своето незаконското дејствување од кое имале лична корист, ја искористиле политичката партија и во јавноста креирале погрешен впечаток дека токму политичката партија е таа која е одговорна за незаконито работење, иако доказите обезбедени во предистражната постапка не упатија на такво нешто“.