Пратеникот Зијадин Села го удирале и газеле по телото и главата голем број лица од толпата, сведочеше денес во Основниот суд Скопје 1 Игор Јанакиев, вработен во МВР во Одделот за обезбедување на личности, кој на 27 април минатата година бил во прес-центарот. Тој дента првин бил пред вратата на прес-центарот и се обидувал да ја спречи толпата да влезе кај пратениците. Но, како што кажа на судењето за обидот за убиство на Села, бидејќи биле многубројни успеале да влезат, по што и тој влегол да ги заштити пратениците.
„Излегов од прес-центарот да земам вода. Кога се вратив, видов дека неколку лица го влечат Села. Тој беше на нозе, но се тетераваше. Потоа го видов како падна, тоа беше на еден метар од вратата на прес-центарот. Имаше околу 15 луѓе околу него и почнаа да го удираат“ сведочеше Јанакиев.
Тој успеал да се пробие до Села и се обидувал да го заштити, но не успеал да ги види тепачите оти бил фокусиран на Села.
„Кога застанав до него беше свесен оти се држеше со раце за глава. Го удираа и газеа по глава и тело повеќе лица. Ќе го удреа, па се тргаа и други доаѓаа. Слушав извици: Села е паднат, кој сака може да го удри. Во еден момент забележав дека веќе не е при свест. Викнав: тргнете го да не се направи поголема беља. Потоа лица од толпата го изнесоа“, рече сведокот Јанакиев.
Тој потоа останал во прес-центарот да ги заштитува другите пратеници и не знае што се случило со Села.
А. АНТЕВСКА