Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на вториот Самит на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија.
На средбата присуствуваше и албанскиот премиер Еди Рама, а Ковачевски беше придружувам од вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Зеленски му се заблагодари на Ковачевски за поддршката која украинскиот народ ја добива од Македонија, велејќи дека таа доаѓа во клучни моменти.
„Не правевте калкулации, бевте покрај нас од првиот ден и украинскиот народ и ние го цениме тоа”, рекол Зеленски, според владиното соопштение за средбата.
Ковачевски зборувал за силната поддршка која Северна Македонија ја дава на Украина од почетокот на воената агресија од Русија врз Украина во февруари минатата година.
„Северна Македонија ја осуди бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина. Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нејзиното право да го трасира самостојно својот пат. Обезбедивме и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка во секоја форма која на Украина ѝ е потребна”, кажал Ковачевски.
Меѓу другото, Македонија ѝ ги донираше на Украина тенковите Т-72, како и авионите Сухој Су-25.