БЕЗБЕДНОСТА НА ЛУЃЕТО ВООПШТО НЕ БИЛА ЗЕМЕНА ПРЕДВИД ПРИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА „ПУЛС“, НЕМАЛО НИШТО ЗА ЗАШТИТА ОД ПОЖАР, СВЕДОЧЕШЕ ВЕШТАКОТ ГОРАН МАРКОВСКИ ОД ГРАДЕЖНИОТ ФАКУЛТЕТ

    БЕЗБЕДНОСТА НА ЛУЃЕТО ВООПШТО НЕ БИЛА ЗЕМЕНА ПРЕДВИД ПРИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА „ПУЛС“, НЕМАЛО НИШТО ЗА ЗАШТИТА ОД ПОЖАР, СВЕДОЧЕШЕ ВЕШТАКОТ ГОРАН МАРКОВСКИ ОД ГРАДЕЖНИОТ ФАКУЛТЕТГрадежното вештачење, за жал, покажа дека во случајот 'Пулс', системот односно институциите и поединците целосно не функционирал, не биле почитувани ни стандардите, ни регулативата, ни процедурите, не било почитувано ништо!, рече професорот Марковски додека родителите на жртвите плачеа. (Фото: СДК.МК)

    Во денешното рочиште против 34. обвинети за катастрофалниот пожар во Кочани на 16 март 2025 во кој загинаа 63 млади и над 230 беа повредени, Обвинителството продолжи со докази од направеното градежно вештачење од повеќе професори, на чело со Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје.

    „Ова е еден од поважните докази во предметот, ве молам зборувајте јасно и полека и секако, треба да положите заклетва пред овој Суд дека ќе ја зборувате вистината”, го отвори судењето денеска судијката Диана Груевска-Илиевска.

    Покрај професорот Марковски, беа присутни сите вештаци од тимот: Викторија Димовска-Скаричева, Душица Трпчевска-Анѓелковиќ, Маријана Лазаревска, Владимир Витанов и Слободан Огњеновиќ, кои се очекува да ги презентираат причините за катастрофата што тие ги утврдиле.

    Откако им изрази сочувство на родителите, Марковски му одговори на обвинителот дека пред три дена ги добил и вештачењата на одбраната за кои рече: „Не наидовме на различни факти, туку на различни толкувања, што уште повеќе ги потврди нашите наоди”.

    Обвинителот Дарко Јакимовски го праша професорот Марковски, „дали најдовте некој таков ситен детал што би укажал на тоа дека биле преземени мерки да се спречи пожар и да се стави безбедноста на гостите предвид“, а тој одговори: „за жал, не најдовме”.

    „Почитувани, две години пред кочанската, т. е. трагедијата на Макесонија, во Хаити се случува земјотрес со магнитуда од 7 степени во кој животот го губат 160.000 луѓе за пола минута. Само месец дена подоцна во Чиле се случува 9,8 по Рихтер во траење од нестварни 3 минути во кој животот го губат само 550 жртви. Триста пати помалку жртви. Од каде оваа разлика? Во Чиле се почитувани стандардите за безбедно градење и користење на објектите, има изграден систем кој ја гарантира безбедноста на луѓето. Градежното вештачење, за жал, покажа дека во случајот ‘Пулс’, системот односно институциите и поединците целосно не функционирал. Не биле почитувани ни стандардите, ни регулативата, ни процедурите. Не било почитувано ништо!”, рече професорот Марковски додека родителите на жртвите плачеа.

    Не може да се очекува од гостите дали во моментот ќе користат стан, кино, дискотека, училиште, кабаре, мол, сами да истражуваат дали нивната безбедност е обезбедена. Не е исто дали во градбата може да престојува еден човек, 300 или 600. Натаму, намената на објектот е зацртана во Деталниот урбанистики план (ДУП) и само оттаму може да се врши намената. Тоа е еден вид на Устав во градежништвото и нема закон кој може да донесе и да смени во урбанистичкиот план, рече Марковски.

    „Па ако не го почитуваме, кај ќе нè одведе тоа?”, праша тој и веднаш кажа во хор со родителите: „Всушност, еве кај нè донесе, 63 жртви и четирипати повеќе повредени”.

    Степенот на безбедност произлегува од пропишаното во Деталниот урбанистички план. Не случајно е ставена заштитата од пожари во основните барања што треба да бидат основни барања за градбата, рече тој.

    „Во случај на пожар треба: да се сочуваат носачите на објектот, а тие зависат од намената. Ако е производствен погон, пет луѓе веднаш ќе го напушат. Но ако тој производствен погон е за дискотека или спортски натпревар, луѓето не може веднаш да го напуштат. Носечките состеми треба да се од друг вид, поотпорни, да не се стопат или изгорат веднаш, за да има време луѓето да излезат и никој да не биде повреден. Во ‘Пулс’ носечкиот систем се стопил веднаш, покривот веднаш паднал. Бил краткотраен, зашто не е за диско ни за кабаре”, кажа проф. Марковски.

    „Немало заштита ни од ширење на пожарот кон други објекти. Градбата, пак, во случај на пожар треба да овозможи лицата да ја напуштат неповредени. Да овозможи нивно спасување. Градбата на крај треба да овозможи и заштита на спасувачките тимови. Во ‘Пулс’ го немало но ова. Заклучок: Од заштита од пожар во објектот ‘Пулс’ немало ништо!”, кажа проф. Марковски.

    Според него, овие пропусти произлегуваат од начинот на градба и реконструкција во угостителски објект.

    „При реконструкцијата на објектот, безбедноста на луѓето воопшто не била земена предвид”, одговори Марковски на директното прашање на обвинителот.

    Сведочењето продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира