„Три жени станаа камшик за македонската политичка елита и хероини на уличните протести кои сега ја потресуваат малата балканска земја – некои ги нарекуваат македонските Чарлиеви ангели“, вели репортажата на „Би-Би-Си“ за Специјалното јавно обвинителство на чело со Катица Јанева.
Во опширната репортажа се опфатени секојдневите протести што почнуваат пред СЈО во знак на поддршка на специјалната обвинителка и нејзиниот тим.
„Таа сега е можеби најславната жена во земјата, но до лани во септември малкумина имаа чуено за Катица Јанева. Како главна обвинителка на мал пограничен град, нејзината работа главно се состоеше од бркање ситни криминалци и шверцери со луѓе. Но сега таа е фрлена на главната сцена во оваа турбулентна поранешна југословенска република. Нејзината нова работа е да ги истражи тврдењата за злоупотреба и корупција што се покренаати по огромниот скандал со прислушувањето“, вели „Би-Би-Си“ и детално ја објаснува суштината на скандалот и политичката криза што настана потоа, како резултат на што е и формирањето на СЈО.
„Јанева, жена со лелеава коса и широка насмевка, обично е придружена со две помлади нареднички. Ленче Ристовска е славјанка, а Фатиме Фетаи припаѓа на албанското малцинство кое сочинува третина од популацијата во Македонија. Заедно тие се моќен симбол на заедништво во земјата која се уште се бори со меѓуетнички тензии и која беше на раб на граѓанска војна во 2001.
Ристовска е кул, прибрана и русокоса со леденосини очи, а Фетаи, со катран црна коса и светло црвен кармин, е славна за нејзината огнена реторика. Во еден случај за полициска бруталност, Фетаи предизвика мешница на прес конференцијата кога отворено опиша како поранешен министер кој западнал во немилост бил врзан и фрлен на подот во веце со пиштол в чело, за да го сликаат провладини ТВ камери. Имаше забрзано дишење додека таа ги повторуваше пцостите што ги кажале полицајците во случајот“, вели „Би-Би-Си“ и додава:
„Некои ги нарекуваат македонски Чарлиеви ангели, според јаките но гламурозни сили за борба против криминалот во американскиот филм и ТВ серија. Нивните слики може да се најдат на постери, ѕидови, тротоари и маици со буквите СЈО“.
Во репортажата се цитира и еден млад студент по медицина кој вели „Тие се првиот вистински зрак на надеж дека навистина може да има правда во оваа земја. Нивната порака е дека законот е закон и дека никој не е ниту над ниту под него“.
„Ристовска вели дека таа и колегите се благодарни за поддршката од демонстрантите, но дека им е незгодно кога луѓе сакаат да се сликаат со нив или да им се потпишуваат на маици. „Ние не сме рок ѕвезди. Ние сме професионалци и тоа е малку чудно. Чудно е дека сега не сметаат за ВИП“, се смее таа.
„На почетокот Груевски ја фалеше Јанева, опишувајќи ја како искусен професионалец кој е школуван во САД и Италија. Малкумина веруваа дека таа ќе отвори случаи за најмоќните луѓе во земјата. Но поддржана од својот тим, Јанева не губеше време да прашува незгодни прашања за набавката на израелската опрема за надзор од страна на шефот на тајната полиција – кој случајно е братучед на Груевски. Набрзо, премиерот ја смени песната и ја обвини специјалната обвинителка дека е марионета на опозицијата и дел од заговорот тој да биде сменет. Таа не се повлече. „Правдата ќе победи и покрај конструираните политички тврдења против мене и моите колеги“, рече Јанева на преполната прес конференција во февруари. Потоа ја објави истрагата наречена Титаник, во која цел е Груевски и грст министри поради нивната улога во изборна измама“, вели „Би-Би-Си“.
„Тие стварно се фатиле за работа. И, ве молам, тоа се три жени. Тоа е голема сила за сите жени во ова општество – обично сите важни одлуки тука ги носат мажи“, вели активистката Билјана Гинова.
„Можеби мажите на врвот се исплашиле, оти во април, тимот на Јанева беше блокиран од одлуката на македонскиот претседател да помилува 56 политичари и функционери под истрага.
Ристовска вели дека на 11-мина обвинители ќе им треба година и пол да ги преслушаат снимки од нелегално прислушуваните разговори. „Верувајте, нвозможно е ова да се слуша повеќе од 3 часа дневно, оти навистина мора да си концентриран и да останеш фокусиран“, вели таа.
Ленче Ристовска вели дека таа и колегите се благодарни за поддршката од народот, но повеќето државни институции или одбиват да соработуват со нив или ги завлекуваат случаите. Многумина сметаат дека нема големо фајде од специјален обвинител без специјален суд. Според сегашниот систем, претседателите на судовите се именувани дури по долг разговор со тајната полиција.
Ако специјалните обвинители не победат, некои се плашат дека балоните со боја на демонстрантите може да бидат заменети со друго оружје – во земјата со слаби институции и мало искуство од демократија на фронтовата линија на европската бегалска криза“, заклучува „Би-Би-Си“.