БИ БИЛО ШПЕКУЛАЦИЈА ДА КАЖАМ ЗОШТО СЛУЧАЈОТ ВО ОХРИД НЕ Е ОБИД ЗА УБИСТВО ПРЕД ДА СЕ СОБЕРАТ ДОКАЗИТЕ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ САВЕСКИ

    БИ БИЛО ШПЕКУЛАЦИЈА ДА КАЖАМ ЗОШТО СЛУЧАЈОТ ВО ОХРИД НЕ Е ОБИД ЗА УБИСТВО ПРЕД ДА СЕ СОБЕРАТ ДОКАЗИТЕ, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ САВЕСКИСавески рече дека директно од раководителот на ОЈО Охрид добива информации за текот на постапката и дека надлежниот обвинител е во контакт со оштетената. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство во Охрид активно работи на целосно расветлување на случајот со семејно насилство во овој град и се преземаат сите неопходни истражни дејства за утврдување на фактичката состојба, изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески. Тој додаде дека Обвинителството е свесно за потребата од брзо и ефикасно постапување во вакви предмети поради опасноста од овој вид криминал и претходните случувања во државата.

    Савески рече дека директно од раководителот на ОЈО Охрид добива информации за текот на постапката и дека надлежниот обвинител е во контакт со оштетената. Според него, исказот на жртвата е од суштинско значење и од него се очекува да произлезат клучни докази. Државниот обвинител најави дека во текот на денот, откако ќе се утврди фактичката состојба, Обвинителството ќе излезе со официјално соопштение за правната квалификација на делото и за донесената јавнообвинителска одлука.

    На новинарско прашање зошто случајот се води како тешка телесна повреда при семејно насилство наместо како обид за убиство, со оглед на јавно изнесените наводи дека девојката била грабната, тепана во автомобил и исфрлена во бессознание, како и зошто за осомничениот се побарани само мерки на претпазливост наместо притвор, Савески одговори дека секоја оценка пред завршување на истражните дејства би била шпекулација.

    „Доколку би одговорил на вашето прашање и да утврдам соодветна правна квалификација, тоа би било мое шпекулирање бидејќи правната квалификација произлегува од сето она што ќе се собере во истражната постапка, односно сè она што од истражните дејства ќе биде собрано како доказен материјал“, изјави Савески, кој денеска имаше средба со новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ивана Хаџи Василева.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира