Филип Втори во Битола само го одмија, но не го искапија. Неколкуте битолчанки од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ кои попладнево се зафатија да го исчистат споменикот, се разотидоа откако си заминаа камерите. Така споменикот остана до пола исчистен, а пола исшаран.
Вечерва демонстрантите на мегафон прашаа „Дали вака чистат и по дома?“, а на коњаникот му донесоа сено да се нахрани по замивањето.
На вечерните протести „Битолското движење“ го преименува булеварот Први мај во Булевар Аболиција. Тоа е улицата на која се наоѓаат канцелариите на Ѓорге Иванов, судовите и општина Битола. На канцеларијата на Инанов беа залепени големи фотографии од него и градоначалникот Владимир Талески, а демонстрантите ги гаѓаа со боја. Повторно беше обоен Основниот суд, а пред општина Битола побараа повлекување на аболицијата за Талески, а потоа Иванов да си даде оставка.
Демонстрантите носеа транспарент „Мајмуни во Скопје, во Битола мртовци“, осврнувајќи се на новата идеја на власта во главниот град да прави рајска градина.
Напоредно беше организиран и контрапротест од ГДОМ, на кој беше побарано да запре уништувањето на спомениците и да има избори.