Во продолжение на презентација на телефонските разговори што ги снимал осомничениот во „Империја“ Орце Камчев околу нагодбите со обвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 за да се ослободи од кривичен прогон, во Кривичниот суд беше пуштен разговор како по секоја цена во барањата за ослободување од притвор и за други олеснувања била одбегнувана надлежната судијка Весна Димишкова.
„Па ти ми кажа да поднесеме барање во четврток кога Димишкова е отсутна. Друг ќе биде. Нели Реџепагиќ ќе ја менувал“, Камчев го потсетува Јовановски.
Нема датум, ни време на разговорите, но од контекстот се сфаќа дека барањето било за да му се издаде времен пасош на Камчев, бидејќи двата регуларни Димишкова до денес не му ги дава.
Потоа, тој спомнува и други судии, овојпат врховните судии Шпенд Деваја и Рахилка Стојковска, а за времето на тој разговор може да се сфати дека бил во јануари 2019, пред да се донесе начелното правно мислење на Врховниот суд, со кое се забранија истрагите на СЈО отворени по 30 јуни 2017 година, кога беа поднесени обвиненијата.
„Со Шпенд зборев, овој на Теута маж ѝ, знаеш другари ми се нели. И со Рахилка. Ќе го донесат мислењето“, му кажува Камчев на Боки.
Судијата Деваја за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека никој не може да разговара со притворено лице, а најмалку судија и оти за тоа треба дозвола.
„Со Камчев јас не сум разговарал, иако се познаваме со оглед на тоа дека сопругата тешката болест ја победи во приватната болница на Камчев, а и децата ни се родени таму. Може сакал да изврши притисок кај соговорникот, па ме спомнал во тоа име, не знам зошто ме спомнал. Ако има разговор, нека биде пуштен, но такво нешто нема“, ни изјави Деваја.
Како и претходните, и овој е нелегално снимен разговор, каде што Камчев сам се снима како зборува со Боки 13. Во досегашните разговори не се слуша дека некој му бара пари, туку самиот тој својот имот го става на располагање. И овој, како и претходните приватни разговори на Камчев, снимени нелегално, одбраната на Јованоски и на Јанева ги оспоруваат во целост како своеволно конципирани без датум, време и, според одбраната, без потврда за веродостојност.
Потоа се отвора разговор меѓу нив дали Врховниот суд автоматски ќе му го укине притворот, па потоа ако му го укине, каде би се делегирал потоа тој предмет „Империја“ и слично.
Боки разгледува три варијанти и цело време зборува во шифри за кутија цигари, па вели по една цигара за актерите кои треба да завршат работа во секоја од тие варијанти за иднината на „Империја“ за тој да биде ослободен од кривично гонење. Алузијата, според целиот контекст на разговорите е дека една цигара е еден милион евра.
Цело време Јовановски ја споменува „жената“, која се ангажира за Камчев со спогодба да се извлече од „Империја“. Катица Јанева е втората обвинета во „Рекет“ за обид со злоупотреба на функцијата да го спаси Камчев од финансискиот криминал за кој е осомничен во „Империја“.
Боки го убедува дека е подобро да биде втор соработник на правдата во истрагата што било според него подобра варијанта отколку да биде заштитен сведок. Првиот соработник не му го открива на Камчев. Цело време притоа му гарантира дека тој ќе добие пасош.
Покрај Камчев, осомничени во „Империја“ се и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Цветан Панделески, Владислав Стајковиќ и уште седуммина други за Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
С. К. ДЕЛЕВСКА