БОЛНИ ОД РАК ЌЕ УЧЕСТВУВААТ ВО ИСТРАГАТА ЗА КРИМИНАЛОТ НА КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА, ЌЕ ПОТПИШАТ ТАЈНОСТ НА ДОКАЗИТЕ ШТО ОБВИНИТЕЛОТ ЌЕ ИМ ДОЗВОЛИ ДА ГИ ГЛЕДААТ

    БОЛНИ ОД РАК ЌЕ УЧЕСТВУВААТ ВО ИСТРАГАТА ЗА КРИМИНАЛОТ НА КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА, ЌЕ ПОТПИШАТ ТАЈНОСТ НА ДОКАЗИТЕ ШТО ОБВИНИТЕЛОТ ЌЕ ИМ ДОЗВОЛИ ДА ГИ ГЛЕДААТВообичаено, истрагите во обвинителството се тајни, а јавноста за собраните докази првпат слуша на судењата; - Од претресот на Клиниката за онкологија. (Фото: СДК.МК)

    Скопското јавно обвинителство во истрагата за криминалот на Клиниката за онкологија ќе вклучува и пациенти болни од рак, зашто се соочува со индиции пред сè за кршење на уставно загарантирано право на граѓаните за здравствена заштита, а потоа и за злоупотреби на функциите и други кривични дела.

    Пациентите ќе знаат што се случува во истрага, но ќе треба да потпишат обврска за тајност и заштита на лични податоци во кои ќе имаат увид. Нивната неформална организација ќе предложи такви луѓе од редот на болните, бидејќи тоа е на нивно барање.

    „Имајќи го предвид фактот дека со предметот кој се води во врска со Клиниката за онкологија се испитува евентуална повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита, Основното јавно обвинителство Скопје ќе преземе дополнителни чекори за обезбедување максимална транспарентност и отчетност на постапката. Врз основа на барањето на онколошките пациенти изнесено на средбата која се одржа на 7 септември, Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија“, вели обвинителството.

    Претходно, ОЈО Скопје ги повика сите граѓани кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи.

    „Во текот на денешниот ден, надлежниот јавен обвинител телефонски го контактираа 10-тина граѓани, кои сакаат со свои сознанија да и помогнат на постапката. Јавното обвинителство ги презема сите дејствија за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет. Во таа насока, од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал“, вели обвинителството.

    На втори септември, по судска наредба и насоки на јавен обвинител, полицијата изврши претреси на Клиниката за окологија и уште на две локации во приватни станови во Скопје. Полицијата одземала компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.

    „Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник поврзани со работата на Клиниката. Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“, соопшти Јавното обвинителство.

    Полицијата одзеде компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои се предмет на анализа и вештачење, со цел да се изпитаат тврдењата во „Слободен печат“ и „Фокус“ дека вработени во Клиниката незаконски препродаваат лекови за пациентите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира