БОЛНИТЕ ОД ЦЕЛИЈАКИЈА МОЖЕ ОД ФЗОМ ДА ГИ РЕФУНДИРААТ ПАРИТЕ ЗА БЕЗГЛУТЕНСКО БРАШНО, ОТИ ГО НЕМА НА РЕЦЕПТ ВО АПТЕКИТЕ

    БОЛНИТЕ ОД ЦЕЛИЈАКИЈА МОЖЕ ОД ФЗОМ ДА ГИ РЕФУНДИРААТ ПАРИТЕ ЗА БЕЗГЛУТЕНСКО БРАШНО, ОТИ ГО НЕМА НА РЕЦЕПТ ВО АПТЕКИТЕПарите за безглутенското брашно, набавено во јануари и февруари со лични средства на осигурениците во кое било продажно место, ќе можат да ги рефундираат по референтна цена на Фондот, соопшти ФЗОМ; -Директорите на ФЗОМ Ден Дончев и Орхан Рамадани (Фото: СДК.МК)

    Фондот здравствено осигурување (ФЗОМ) соопшти дека на болните од целијакија ќе им ги рефундира парите за безглутенско брашно кое минатиот и овој месец го купиле со сопствени средства.

    „Поради утврдениот недостиг на безглутенско брашно во аптеките, за лицата заболени од целијакија, како и поради реакциите на осигурениците кои не можат да го остварат правото на безглутенско брашно на рецепт на товар на Фондот информираме дека безглутенското брашно набавено во јануари и февруари со лични средства на осигурениците , во кое било продажно место ќе можат да ги рефундираат по референтна цена на Фондот“, соопшти ФЗОМ.

    Ова решение од ФЗОМ доаѓа по реакциите на болните од целијакија дека не можат да подигнат безглутенско брашно на рецепт, кое за нив е лек и кое со години го добиваат на товар на ФЗОМ. Тие велат дека годинава залудно се обидуваат безглутенско брашно да подигнат на рецепт, бидејќи во поголем дел од аптеките им кажале дека немаат квота и дека воопшто го немаат брашното. Безглутенско брашно, освен во аптеките приватно, се продава и во специјализирани продавници. Оваа болест се манифестира со тоа што организмот не поднесува глутен и за да можат болните нормално да функционираат треба да јадат безглутенска храна.

    „За да им бидат рефундирани средствата, осигурениците треба да поднесат во подрачните служби на Фондот рецепт, извештај од лекар специјалист или конзилијарно мислење, согласно дијагнозата, за потребата од користење на безглутенско брашно, фискална сметка и барање. До изнаоѓање на трајно решение, Фондот преку рефундирање на средствата на овој начин го надминува проблемот со кој се соочуват осигурениците“, соопшти ФЗОМ.

    Неофицијално, аптеките престанале да го набавуваат безглутенското брашно кое поради високата цена брзо ги троши квотите на лекови кои ги покрива ФЗОМ. Од Фондот велат дека размислуваат безглутенското брашно да го извадат од квотите, како што е со скапите лекови, односно лековите кои надминуваат 2.500 денари.

    Според надлежните во ФЗОМ, со ова би ги стимулирале аптеките да го набавуваат безглутенското брашно, бидејќи немаат начин да ги условат тоа да го направат. ФЗОМ годишно покрива трошци за 14.900 рецепти за безглутенско брашно.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира