БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ОСТАНА БЕЗ ДВАТА КОМПЈУТЕРСКИ ТОМОГРАФА, ИТНИТЕ И ТЕШКИ СЛУЧАИ ГИ ПРЕПРАЌААТ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

    БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ОСТАНА БЕЗ ДВАТА КОМПЈУТЕРСКИ ТОМОГРАФА, ИТНИТЕ И ТЕШКИ СЛУЧАИ ГИ ПРЕПРАЌААТ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАРБолницата итно бара аванс за да ги поправи томографите, оти вака во суштина е сосема нефункционална за дијагностицирање - Министерот за здравство Венко Филипче и директорот на „8 Септември“ Христијан Костов -(Фото: Ѓ. Личовски)

    Градската општа болница „8 септември“ во Скопје работи без компјутерски томограф, откако се потроши катодната цевка и на вториот апарат. Итните случаи ги примаат, но оние со потешки повреди или состојби, каде што е потребно и снимање со компјутер ги препраќаат на скопските клиники.

    Непосредно по автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари, поради преоптовареност, се расипа еден од двата компјутерски томографи и болницата работеше само со еден. Но, од петокот минатата недела се расипа и вториот томограф, а во буџетот на болницата нема пари за поправка на дефектот.

    Директорот на „8 Септември“ д-р Христијан Костов вели дека побарал од Фондот за здравствено осигурување авансно да им префрли дел од парите кои се предвидени во буџетот на болницата за оваа година, за да може да оспособат барем еден од апаратите.

    „Се потроши катодната цевка и на вториот апарат и сега нема снимање на компјутер. Закажаните операции се работат. Но, кога ќе дојде итен случај, ако за дијагностика и лекување не е неопходно компјутерско снимање го примаме. Потешките случаи ги праќаме во Клинички центар“, вели д-р Костов.

    Тој рече дека во моментов и во новоотвореното траума одделение работи само една од двете нови хируршки сали.

    „Сега нема толку многу траума случаи и во новиот оддел работи само една хируршка сала. Примивме 20 медицински сестри, колку што ни одобрија и со нив го зајакнавме одделот за кардиологија, бидејќи сега има зголемен број пациенти за кои е потребно да се стави стент. Размислуваме да воведеме и втора смена, но ни недостигаат анестезиолози. Сега работиме со девет анестезиолози, а тројца ни се на специјализација на КАРИЛ“, вели д-р Костов.

    Новиот оддел за трауматологија беше отворен свечено лани, непосредно пред Денот на независноста 8 Септември, но до автобуската несреќа болничкиот дел не проработе. Овој капацитет од немајкаде мораше да биде активиран ноќта кога во „8 Септември“ беа донесени 37 од повредените 50 патници, па среќа во несреќа беше што така се најдоа слободни лежаи кои поради недостиг на кадар не беа во функција. Сега, болничките кревети пак се празни.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари