Дваесет деца болни од ковид-19 се селат од Институтот за белододробни заболувања кај деца Козле на Детската клиника, а од утре Козле целата станува Ковид-центар, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот д-р Бесник Зеќири.
„Министерството за здравство ни побара 50 кревети, а толкав е капациетот на нашата болница. Кај нас лежеа 20 деца со родители, значи 40 кревети се ослободуваат. За нив се обезбедува посебен дел на Детската клиника“, ни рече директорот на Козле.
Децата се на возраст од 0 до 18 години, има и двомесечно и тримесечно бебе. Д-р Зеќири додава дека со силниот трет бран на ковид-19 во земјава, за 22 отсто е зголемен бројот на заболени деца.
Од почетокот на епидемијата во земјава се дијагностицирани 118.736, оздравени се 100.250, починаа 3.448, а активни случаи се 15.038. Според последните статистики од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во возрасните групи од 0-9 и 10-19 години, се пријавени 2.254 и 4.938 случаи соодветно.
Министерството за здравство на 18 март објави дека ковид пациенти ќе се примаат и на делови од Клиниката за кардиологија и на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, а во „8 Септмеври“ ќе се редуцира хируршката програма и ќе се вршат само итни операции и операции на малигни болести кои се неодложни.
Изминативе неколку денови, расте бројот на новозаразени од ковид-19 и од пациенти кои имаат потреба од хоспитализација. Во изминатите 24 часа во Скопје беа примени 83 пациент, и до вчера до 8 часот во Скопје имаше 60 места.
- За ковид болни пуштен е во употреба дел од Клиниката за трауматологија од УК ТОАРИЛУЦ со 25 болнички кревети.
- На Клиниката за пластична и реконструктивна хрургија и на Клиниката за торакална хирургија обезбедени се 50 болнички кревети. Клиниката за торакална хирургија продолжува со нормална работа за итни случаи, а хируршките интервенции во моментов се редуцирани и се изведуваат само итни операции и операции на малигни состојби.
- Делот од патологија на Клиниката за пластична хирургија се префрла во болницата „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Дополнителен капацитет за прием на пациенти со ковид се подготвува и на Клиниката за кардиологија, каде за болните со ковид ќе бидат обезбедени 50 кревети. Со оваа реорганизација капацитетот во Клиничкиот центар се зголемува за 100 кревети.
- Во Градската општа болница „8 Септември“ ќе се отвори одделение со дополнителни 25 болнички кревети за ковид пациенти. Во болницата ќе се намали хируршкиот програм и ќе се вршат само итни операции и операции на малигни болести кои се неодложни.
Б. НЕСТОРОСКА