БРАТУЧЕДИТЕ НА МИЛОШОСКИ И ЌЕРКИТЕ НА УСТАВНАТА СУДИЈКА ГОШЕВА ВРАБОТЕНИ СО НЕПОТИЗАМ ВО АЕК, ТЕЛЕКОМ И ВОДОВОД

    БРАТУЧЕДИТЕ НА МИЛОШОСКИ И ЌЕРКИТЕ НА УСТАВНАТА СУДИЈКА ГОШЕВА ВРАБОТЕНИ СО НЕПОТИЗАМ ВО АЕК, ТЕЛЕКОМ И ВОДОВОДОд Антикорупциската комисија велат дека и натаму ќе откриваат стари и нови случаи на непотизам за да укажат на аномалиите на Законот за работни односи кои им овозможуваат на директорите на јавните претпријатија и агенции да вработуваат кандидати со дискреционо право. - Пратеникот Антонијо Милошоски и уставната судијка Елена Гошева (Фото: СДК.МК)

    За Слободанка Гошева-Гиевска, ќерка на уставната судијка и експретседател на Уставниот суд Елена Гошева, непосредно пред да се формира Владата на 31.5.2017 година, тогашните директори на Македонски Телеком креирале специјално директорско место за неа и на иста седница ја именувале во Главен директор за човечки ресурси и регулативи во компанијата.

    Антикорупциската комисија на денешната седница донесе заклучок поради постоење на сомневање за влијание при унапредувањето на Слободанка Гошева-Гиевска, случајот да се испита и да се информира Владата.

    Комисијата констатирала влијание и при вработувањето на Гошева-Гиевска во 2004 година со договор за работа како специјалист за регулатива. Податоци дали бил распишан оглас, колкумина се пријавиле, зошто токму таа била вработена со договор, дали имало селекција или не, нема.

    Антикорупционерите го разгледуваа и случајот на вработување на нејзината, сестра Бојана Гошева на исто толку добро платена работа во Агенцијата за електронски комуникации.

    Со одлука на менаџментот на АЕК, било констатирано дека треба да се вработат 6 извршители. Но, објавен бил оглас само за 5 лица. На шестото место, за кое немало оглас, со дискреционо право на директорот била вработена во правниот сектор Бојана Гошева.

    Нема податоци од АЕК дали имало и други кандидати, ни бодовна скала, ни дека помалата ќерка на уставната судијка била на интервју. Комисијата утврди сомневања за непотизам и влијание и во овој случај.

    Антикорупционерите најдоа и двајца братучеди на пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, вработени со дискреционо право на тогашни директори од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се Јелица Милошоска, вработена во 2017 година во Водовод и Станко Коруноски во Централниот регистер, во 2007-2008 година кога Антонијо бил министер за надворешни работи.

    Јелица Милошоска е вработена со дискреционо право на ексдиректорот на Водовод Александар Атанасов, од документацијата за нејзиното вработување, Антикорупциската комисија ја добила само молбата за вработување.

    За братучедот на Милошоски, пак, нема никаква документација за постапката како токму тој бил вработен и дали имало кандидати, селекција, интервјуа со кандидатите.

    Антикорупционерите имаат надлежност да поведуваат постапки само за вакви случаи на непотизам, судир на интереси и влијанија кои не се постари од 3 години. Тие велат дека и натаму ќе откриваат стари и нови случаи на непотизам, најмногу за да укажат на аномалиите на Законот за работни односи кои им овозможуваат на директорите на јавните претпријатија и агенции да вработуваат кандидати со дискреционо право и желба кого тие сакаат да го вработат.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари