БРИСЕЛ ЗАГРИЖЕН ЗА СУБВЕНЦИИТЕ ШТО МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА ГИ ДАВА НА ВИЗ ЕР

    БРИСЕЛ ЗАГРИЖЕН ЗА СУБВЕНЦИИТЕ ШТО МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА ГИ ДАВА НА ВИЗ ЕР

    Европската комисија (ЕК) бара од македонските власти информации околу субвенциите што и се даваат на унгарската компанија „Виз ер“ што може да ја наруши конкуренцијата на европскиот пазар.

    „Европската Комисија има сознанија дека постои загриженост во врска со шемата на финансиски субвенции што македонската Влада ги дава од 2012 година на домашни и на странски авиокомпании кои сакаат да летаат од аеродромот „Александар Велики“, што може да ја наруши конкуренцијата меѓу аеродромите во регионот, а индиректно и меѓу засегнатите авиокомпании, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК  Јакуб Адамович, портпарол на Европската комисија за транспорт и регионална политика.

    Тој вели дека“ Европската комисија е во контакт со македонските власти за да ги добие сите потребни информации за да го разгледа ова прашање“.

    Претставник на австриската авиокомпанија Остриан ерлајнс, дел од групацијата Луфтханза на 26 мај ја обвини македонската влада дека поттикнува нелојална конкуренција во авиосообраќајот.

    Минатиот четврток на одбележувањето на 20 годишнината од првиот лет Виена – Скопје, претставникот на австриската компанија  Александер Толвет реагираше на неодамна отворената линија Скопје – Братислава на унгарскиот нискобуџетен превозник Виз ер. Отварањето на таа линија е делумно субвенционирана од буџетот на Република Македонија.

    „Навистина е тешко да се натпреварувате со субвенционирани нискотарифни компании, рече Толвет, регионален менаџер на австрискиот авиопревозник Остриан ерлајнс.

    „Воопшто не сме среќни поради тоа. Ние ја охрабруваме конкуренцијата секаде, таа е добра за пазарот. Но проблем е кога нискотарифните компании добиваат субвенции од Владата што создава нелојална конкуренција. Примерот со Братислава, која е блиску до Виена, а и двата града ги привлекуваат истите патници покажува  дека невистина е тешко да се натпреварувате,“ изјави Толвет.

    Претставникот на австриската компанија и директорот на Скопскиот аеродром Зоран Крстевски на прославата минатиот четврток во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Претставникот на австриската компанија и директорот на Скопскиот аеродром Зоран Крстевски на прославата минатиот четврток во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Според појаснувањето на Остриан ерлајнс што го добивме од портпаролот на компанијата во Виена Вилхелм Балдиа, компанијата не побарала истрага од Европската комисија, но е запозната дека „ЕК почнала истрага во почетокот на годинава по жалба од друга земја члнека на Европскиот заеднички возухопловен простор (ЕЦАА) која што укажала на контрадикција со Европското законодавство за конкурентност“.

    „Сепак Остриан ерлајнс ја поддржува оваа истрага во врска со договорот меѓу Европската унија и ЕЦАА“, вели портпаролот Балдиа во изјавата за САКАМДАКАЖАМ.МК и додава дека „внатрешната истрага во Европската комисија е во тек и за евентуелна акција се уште нема донесено одлука“.

    Европскиот заеднички возухопловен простор (ЕЦАА) е асоцијација на сите земји членки на ЕУ, Македонија со земјите од регионот и Косово.

    И портпаролот за транспорт и регионална политика на Европската комисија Јакуб Адамович за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека „Европската комисија нема сознанија дека „Остријан ерлајнс“ бара од ЕК истрага за финансиските субвенции што македонската Влада ги дава на „Виз ер“.

    Субвенциите  беа споменати и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ во декември минатата година. „Останува загриженоста околу финансиските погодности што се даваат на авио операторите“, стои во извештајот на Европската комисија.

    Косовското цивилно воздухопловство минатата година во ноември испратило формална жалба до Европската комисија против субвенциите што македонската влада ги дава на унгарскиот Виз ер.

    Приштинскиот аеродром, кој е во сопственост на француско – турски конзорциум ја обвини македонската влада и аеродромот Александар Велики за нефер натпревар поради субвенициите кон Виз ер. Директорот на аеродромот Халдан Фурат Коктурс изјавил дека со директното давање пари на само една компанија, од 8 до 13 евра по патник, што е 30 до 35 отсто попуст од регуларната цена, „тоа е целосно против регулативите на Европската унија“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари