Поголема плата во приватен сектор со субвенции на државата во делот на придонесите, државата да ја плати преквалификацијата за оние кои ќе преминат во приватниот сектор и отпремнини се мерките за намалување на бројот на вработени во јавната администрација, беше кажано на јавната расправа за предложените измени на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација.
Министерот Дамјан Манчевски кажа и дека со измените на многу места се поедноставуваат постапките, се координираат особено стратешките планирања во однос на вработувањата, буџетот и што е она што е потребно на институциите согласно со нивните функционални анализи. Сето тоа е во согласност со проектот со кој што, како што рече тој, кон крајот на годината граѓаните ќе може да видат голема реорганизација и оптимизација на целиот систем на јавниот сектор.
„Сето тоа треба да се преточи во законски измени, а се работи за стотици закони. И јас сакам преку ноќ, но се работи за стотици закони за да на крајот конечно на почетокот на следната година ги видиме долгоочекуваните резултати“, рече Манчевски
Во врска со измените на Законот за административни службеници, тој рече дека ќе се направи унапредувањето на моделот на вработување и управување со учинок темелен врз компетенции, воведување на пробната работа, поедноставување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, дополнително мотивирање на вработените кои работат на реформските приоритети и унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата.