Министерството за надворешни работи соопшти дека поважно од рокот за потпишување договор со Грција е тоа што ќе се потпише да биде квалитетно, со трајно и одржливо решение.
Во соопштението за текот на разговорите објавено попладнево се вели дека „квалитетот на текстот на договорот и потребата од постигнување на трајно и одржливо решение прифатливо за двете страни, се далеку поважни од потребата процесот да се финализира во каков било рок“.
„Во текот на разговорите беше покажана добра волја и беше постигнат добар резултат. Во овој момент, како и во секој процес од ваква природа, потребно е таа добра волја да се преточи од страна на работните групи во текст на договор, што на најсоодветен начин ќе ги отслика суштинските параметри од постигнатото политичко разбирање меѓу двете страни. Република Македонија посакува и интензивно работи тоа да се случи што побрзо до претстојниот состанок на Европскиот совет, воедно укажувајќи дека за вака значајни прашања не треба да се брза“.