БУЧКОВСКИ И ПРИЈАТЕЛИТЕ ОД ТЕТОВО А.А. И М.Џ. ДОГОВОРИЛЕ 7,5 МИЛИОНИ ЕВРА СО МАЏАР ТЕЛЕКОМ, ОБЈАВЕН ДОКУМЕНТ НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОТКУП

    БУЧКОВСКИ И ПРИЈАТЕЛИТЕ ОД ТЕТОВО А.А. И М.Џ. ДОГОВОРИЛЕ 7,5 МИЛИОНИ ЕВРА СО МАЏАР ТЕЛЕКОМ, ОБЈАВЕН ДОКУМЕНТ НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОТКУППоранешниот социјалдемократски премиер Владо Бучковски и неговиот тогашен министер за економија Стевчо Јакимовски (сега лидер на ГРОМ) во февруари 2017. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Името и презимето на Владо Бучковски, премиер на Владата во 2005 година, како претставник на страната А – Владата и „пријателите од Тетово” напишани со иницијали А. А. и М.Џ. стојат на неофицијален документ (нон пејпер) со страната Б – Матав Маџар, за исплата на 7.500.000 евра на страната А, за таа да го одложи воведувањето на трет мобилен оператор тоа време во Македонија.

    Слободан Богоевски, како сведок на судскиот процес во Њујорк за овој случај, откри дека зад иницијалите А.А. И М.Џ. се лидерот на ДУИ Али Ахмети и долгогодишниот вицепремиер Муса Џафери, кои го тужеа за клевета и изгубија пред Апелациониот суд во Скопје.

    Овој нон пејпер денеска обвинителката на СЈО Лиле Стефанова му го предочи на тогашниот министер Џемали Мехази кој сведочеше дека не се сеќава и оти не му е познато дека постојат протокол за соработка меѓу Владата и „пријателите од Тетово” од една, и Матав Маџар од друга страна. Не знае рече дека имало преговори меѓу страните А и Б и не знае дека имало нон пејпер, неофицијален документ за исплата а 7,5 милиони евра на Бучковски, Ахмети и Џафери.

    Протоколот за соработка меѓу Владата и Маѓар потпишан од Мехази, како и нон пејперот за договорениот поткуп од 7,5 милиони евра, обвинителката Лиле Стефанова пред судијата Ленка Давиткова во Основниот суд Скопје 1 рече дека ги добила од Американската комисија за хартии од вредност.

    „Дали знаете дека 2,5 милиони евра според неформалниот документ требало да бидат исплатени на претставникот на страната А, Владата претставена од Бучковски и 5 милиони евра на „пријателите од Тетово” А. А. и М. Џ.?, праша Стефанова читајќи им ги и договорените датуми за исплата.

    „Не”, одговори вознемирен сведокот Мехази.

    Во овој повеќегодишен судски процес, кој лани го презеде СЈО, Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот Одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат, Гркот Михаил Кефалијанис и Унгарецот Золтан Кишјакус, се обвинети дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот за 2 милиони евра, бидејќи Владата во тој период поседуваше 47% од акциите во компанијата.

    Мехази денеска не се сеќаваше ни дека видел договор за консултантски услуги.

    На сметка на фирмата во Кипар биле префрлани пари без одлука на Одборот на директори, а налозите ги потпишувале Сендреи, Ролф Плат и Кишјакус. Обвинението против тројцата ексдиректори било поднесено во Основниот суд Скопје 1 во првата половина на 2011 година, а првото судење било закажано на 26 октомври 2011 година. Судот распиша меѓународна потерница во 2008 година за Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус.

    Тројца ексдиректори на „Маџар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуницискиот пазар.

    Ексдиректорите ги исплаќале парите како консултантски и маркетинг-услуги. Елег Штрауб и Андраш Балог во април 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк и платија парични казни, а пет години им е забрането да вршат дејност во акционерските друштва. Штрауб плати 250 илјади долари, а Балог 150 илјади долари. Третобвинетиот во случајот, Тамаш Морваи, се спогоди да плати казна од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.

    Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и за првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот на суд, но Апелацискиот суд ја укина пресудата.

    СЈО водеше и предистражна постапка за случајот, која, најверојатно, ќе биде дел од тезата што ќе се обидат да ја докажат. Скопското обвинителство долго време не му го даваше на СЈО предметот „Маџар телеком“ со образложение дека не се поврзани ниту, пак, произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира