БУГАРИЈА НЕ Е ФАШИЗАМ, ТУКУ НАШ ПРИЈАТЕЛ, ЈУГОСЛАВИЈА НЀ ДРЖЕШЕ РАЗДЕЛЕНИ, ВЕЛИ ЗАЕВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА „БГНЕС“

    БУГАРИЈА НЕ Е ФАШИЗАМ, ТУКУ НАШ ПРИЈАТЕЛ, ЈУГОСЛАВИЈА НЀ ДРЖЕШЕ РАЗДЕЛЕНИ, ВЕЛИ ЗАЕВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА „БГНЕС“Премиерот Зоран Заев на самитот на Берлинскиот процес во Софија на 10 ноември. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека веќе се сменети повеќе од 20 табли во Македонија, на кои што пишувало „бугарски фашистички окупатор“ и вели дека Бугарите не се фашисти, туку наши пријатели, во интервју за бугарската агенција „БГНЕС“. Заев тврди дека за време на Втората светска војна Бугарите биле администратори на почетокот, но потоа се приклучиле на антифашистичкиот фронт и бугарските и македонските војски заедно ги ослободиле Крива Паланка, Куманово и Скопје.

    „Имало некоја администрација во тој момент, на почетокот. Потоа Бугарија се дигна заедно со антифашизмот, се бори за слобода, за демократија и неспорно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваа територии – Крива Паланка, Куманово целиот регион, Скопје. И тоа е еден убав дел од нашата историјата“, кажа Заев во интервјуто.

    Потсетуваме дека окупаторот Бугарија „администрираше“ со Македонија од април 1941, веднаш откако нацистичка Германија ја освои Југославија, па сè до септември 1944, кога Црвената армија почна да навлегува на бугарска територија. Тогаш во Бугарија се случи преврат и ја смени страната, објавувајќи ѝ војна на Германија. По војната, Бугарија како агресор беше задолжена да ѝ исплати 25 милиони долари (360 милиони денешни долари) воени репарации на Југославија, но во 1947 година Тито, за кого бугарската министерка Екатерина Захариева вели дека бил мрачен диктатор, им ги прости репарациите на Бугарите.

    Македонскиот премиер понатаму во интервјуто за „БГНЕС“ вели дека политичарите од бивша Југославија ги држеле Бугарите и Македонците разделени.

    „Задолжение е на сите граѓани, а најмногу на нас политичарите, да ги зближиме нашите народи, зашто долги години беа држени оддалечени еден од друг. Различни власти, посебно во времето на бивша Југославија. Но, ние треба да бидеме заедно, затоа што сме први соседи. Знаете, јас сум од Струмица. Петричани и струмичани зборуваат ист јазик, толку сме блиски. Тоа е македонски или бугарски јазик?“, прашa Заев и уште еднаш повтори дека Југославија нè разделувала.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира