БУГАРИЈА НЕ ОТСТАПУВА ОД БАРАЊАТА И ВЕЛИ ДЕКА НЕМА БРЗИ РЕШЕНИЈА ЗА БЛОКАДАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

    БУГАРИЈА НЕ ОТСТАПУВА ОД БАРАЊАТА И ВЕЛИ ДЕКА НЕМА БРЗИ РЕШЕНИЈА ЗА БЛОКАДАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРОИНТЕГРАЦИИБугарија најавува дека ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со инкорпорирање на дополнителна одредница за отворање на кластерот ‘Фундаменти’) во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство. - Фасадата на седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Бугарија во засебна изјава поднесена до Советот на ЕУ во врска со отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија, најави дека нема да отстапи од своите барања и дека нема брзи решенија за спорот, јави дописничката од Брисел на државната агенција МИА.

    Во документот приложен од страна на бугарската делегација во ЕУ, Софија објаснува дека формулацијата од заклучоците на Советот на ЕУ на 14 декември за „одржување на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка“ не претставува никаков автоматизам помеѓу усвојувањето на наведената рамка и одредувањето на датум за првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ.

    Бугарија најавува дека ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со инкорпорирање на дополнителна одредница за отворање на кластерот ‘Фундаменти’) во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство.

    Дополнително, Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во Северна Македонија, Коридорот 8, и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија кое таа го смета за неосновано. Во документот Софија споменува „говор на омраза“ против бугарски граѓани во Северна Македонија.

    Кога ако започнат преговорите со ЕУ, Бугарија ќе инсистира на овие бројни услови и за затворање на поглавјата и кластерите.

    Спорот околу името, исто така, останува во условите. Бугарија бара Северна Македонија да се именува исклучиво со долгото име „Република Северна Македонија“ за да се „разликува“ од регионот Северна Македонија.

    Иако формулацијата за „погрешно толкување на историјата“ е отстранета од поновите заклучоците на ЕУ, Бугарија во документот се навраќа на ова прашање и пишува дека Бугарија го повторува разбирањето во Советот, како што стои во заклучоците за Проширување и Процесот на Стабилизација и Асоцијација од 26 јуни 2018, дека Договорот за добрососедски односи „мора да стави ефективен крај на сите барања заснова на погрешно толкување на историјата“.

    Во последниот дел од изјавата на Бугарија оваа земја признава дека и покрај „кампањата на омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија“, Северна Македонија „остана отворена за дијалог во секое време“.

    Софија во документот жали што Северна Македонија не се посветила „значително“ на преговорите со Бугарија.

    „После години неприменување од страна на Република Северна Македонија на заложбите, довербата не може лесно да се врати. Сегашната атмосфера во Република Северна Македонија не поттикнува изнаоѓање на одржливо решение. Бугарија останува посветена на продолжување со консултациите. Бугарија не го оспорува сувереното право на граѓаните на Република Северна Македонија да се самоидентификуваат како сакаат. Бугарија меѓутоа не може да толерира тој процес на градење на идентитет да се води преку опозиција и омраза кон Бугарија и преку политички мотивирано културно присвојување“, пишува бугарската делегација.

    Во Софија се смета дека не се можни „брзи решенија“ бидејќи односите меѓу двете земји биле во „деликатна фаза“.

    „Неприменувањето од страна на Република Северна Македонија на правно обврзувачки договор не и овозможува на Бугарија да верува дека необврзувачки декларации и изјави ќе помогнат да се реши ситуацијата освен ако има соодветни барања внесени во преговарачката рамка“, стои во документот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира