БУГАРСКАТА БОЛНИЦА „МАЈЧИН ДОМ“ ГО СУСПЕНДИРАШЕ ОСУДЕНИОТ ГИНЕКОЛОГ ДАМЧЕВСКИ ДО УТВРДУВАЊЕ НА ФАКТИТЕ

    БУГАРСКАТА БОЛНИЦА „МАЈЧИН ДОМ“ ГО СУСПЕНДИРАШЕ ОСУДЕНИОТ ГИНЕКОЛОГ ДАМЧЕВСКИ ДО УТВРДУВАЊЕ НА ФАКТИТЕОд бугарскиот медицински центар „Мајчин дом“ за бугарските медиуми велат дека Дамчевски не е вработен во болницата, туку е ангажиран со граѓански договор и дека ги доставил сите потребни документи согласно бугарското законодавство за да добие лиценцата за работа. (Фото: БГНЕС)

    Медицинскиот центар „Мајчин дом“ во Софија за бугарските медиуми вели дека гинекологот Николче Дамчевски нема да врши медицинска дејност додека не се утврдат околностите околу двегодишната пресудата што ја има во Македонија.

    Како што пренесуваат бугарските медиуми болницата се обратила до извршната агенција за медицинска ревизија при бугарското Министерство за здравство да ги провери информациите за македонскиот гинеколог Дамчевски, кој има потврдена пресуда од Апелациониот суд во Скопје.

    ДО КОЛЕГИТЕ ВО БУГАРИЈА ЌЕ ИСПРАТИМЕ ДОПИС ДЕКА ОСУДЕНИОТ ГИНЕКОЛОГ ДАМЧЕВСКИ НЕМА ЛИЦЕНЦА ЗА РАБОТА, ВЕЛАТ ОД ЛЕКАРСКАТА КОМОРА

    “Д-р Дамчевски има бугарско државјанство и своето медицинско образование и постдипломските студии ги завршил во Бугарија. Тој не е вработен во СБАЛАГ Мајчин дом, и не е во работен однос ниту во болницата ниту во медицинскиот центар. Дејноста која ја врши е заснована на граѓански договор со медицинскиот центар, за чие склучување се исполнети сите правни и административни процедури. Д-р Дамчевски ги обезбеди сите документи што ги бара бугарското законодавство за вршење лекарска дејност. Диплома за завршена висока медицинска едукација, диплома за признаена специјалност по акушерство и гинекологија и сертификат за членство во Бугарскиот лекарски сојуз од август 2018 година. Врз основа на овие документи тој добил лиценца и право за извршување на амбулантско-медицинска помош од Градската регионална здравствена инспекција“, велат од медицинскиот центар „Мајчин дом“ за бугарските медиуми.

    Дамчевски од Македонија избегал со бугарски пасош. Од Основниот суд Скопје 1 утрово по проверките за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека македонскиот пасош на Дамчевски го нашле во депото на судот, односно за него има активна мерка за обезбедување присуство поради опасност од бегство.

    „По извршените проверки ве известуваме дека за лицето за кое прашувате во претходна постапка е прифатен предлогот на обвинителството за определување мерки за претпазливост, меѓу кои и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, кои важеле до правосилноста на пресудата и за кои до овој момент не било побарано да се укинат односно патната исправа да биде вратена. По правосилноста на пресудата, односно откако предметот бил потврден и преиначен во делот на казната од Апелациониот суд Скопје и истиот е доставен до судија за извршување санкции изготвен е упатен акт за обвинетиот да се јави на издржување на казната затвор. На 14.11.2018 година побарано е од МВР да се утврди неговата достапност за што до овој момент не е добиен одговор“, за САКАМДАКАЖАМ.МК велат од Основен суд Скопје 1“.

    ОСУДЕНИОТ ГИНЕКОЛОГ ДАМЧЕВСКИ ИЗБЕГАЛ ОД МАКЕДОНИЈА СО БУГАРСКИ ПАСОШ

    Место да оди на издржување на казна затвор во траење од две години, Дамчевски им избегал на македонските правосудни органи. Освен казната затвор која Апелациониот суд ја потврди и ја зголеми од 1, 6 месеци на 2 години, Дамчевски има и забрана за вршење на дејноста во траење од 8 години.

    Порталот „Нова ТВ“ во своја истрага вчера објави дека Дамчевски го пронашле како работи во бугарската државна клиника „Мајчин дом“, па дури и закажале преглед кај него. Оттаму стигнала и официјална потврда дека избеганиот гинеколог ординира најнормално во установата.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари