ДО КОЛЕГИТЕ ВО БУГАРИЈА ЌЕ ИСПРАТИМЕ ДОПИС ДЕКА ОСУДЕНИОТ ГИНЕКОЛОГ ДАМЧЕВСКИ НЕМА ЛИЦЕНЦА ЗА РАБОТА, ВЕЛАТ ОД ЛЕКАРСКАТА КОМОРА

    ДО КОЛЕГИТЕ ВО БУГАРИЈА ЌЕ ИСПРАТИМЕ ДОПИС ДЕКА ОСУДЕНИОТ ГИНЕКОЛОГ ДАМЧЕВСКИ НЕМА ЛИЦЕНЦА ЗА РАБОТА, ВЕЛАТ ОД ЛЕКАРСКАТА КОМОРА„Завчера случајно дознавме дека Николче Дамчевски можеби е примен да работи во болницата во Софија и на Лекарскиот сојуз од Бугарија ќе му испратиме допис дека лиценцата на колегата му е одземена на седум години, а согласно судската одлука со која има забрана за вршење на дејноста од осум години, дека по поминување на рокот од седум години нема да може да побара лиценца уште една година“, вели д-р Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора на Македонија (Фото: СДК.МК)

    Лекарската комора на Македонија ќе испрати допис до Лекараскиот сојуз на Бугарија дека на осудениот Николче Дамчевски, гинеколог кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена, му е одземна лиценцата за работа во Македонија. Претседателката на Лекарската комора д-р Калина Гривчева-Старделова, вели дека сите држави кои примаат лекари на работа и издаваат лиценци за работа задолжително покрај важечка лиценца за работа бараат и сертификат дека тој лекар е член на комората од земјата од која доаѓа и дека не се води постапка против него.

    „Нашите бугарски колеги такво нешто не побараа од Комората, ниту пак ние сме му издале на Дамчевски таков сертификат. Завчера, случајно дознавме дека можеби е примен да работи во болницата во Софија и се договоривме на Лекарскиот сојуз од Бугарија да му испратиме допис дека лиценцата на колегата му е одземена на седум години, а согласно судската одлука со која има забрана за вршење на дејноста од осум години, дека по поминување на рокот од седум години нема да може да побара лиценца уште една година“, рече Гривчева-Старделова.

    Гривчева-Старделова вели дека од досегашната пракса, во секоја земја каде одат нашите лекари освен важечка лиценца за работа бараат и сертификат дека против тој доктор не се води постапка во Судот на честа во државата, како и доказ дека не е осудуван.

    „На пример, од Дубаи ни побараа информација за поранешната директорка на Клиника за гинекологија Марија Хаџи-Лега дали има важечка лиценца и дали има процес против неа. Таа пракса ја има и со сите останати земји“, вели Гривчева-Старделова.

    Дамчевски од Македонија избегал со бугарски пасош. Од Основниот суд Скопје 1 утрово по проверките за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека македонскиот пасош на Дамчевски го нашле во депото на судот, односно за него има активна мерка за обезбедување присуство поради опасност од бегство.

    „По извршените проверки ве известуваме дека за лицето за кое прашувате во претходна постапка е прифатен предлогот на обвинителството за определување мерки за претпазливост, меѓу кои и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавње нова, кои важеле до правосилноста на пресудата и за кои до овој момент не било побарано да се укинат односно патната исправа да биде вратена. По правосилноста на пресудата, односно откако предметот бил потврден и преиначен во делот на казната од Апелациониот суд Скопје и истиот е доставен до судија за извршување санкции изготвен е упатен акт за обвинетиот да се јави на издржување на казната затвор. На 14.11.2018 година побарано е од МВР да се утврди неговата достапност за што до овој момент не е добиен одговор“, за САКАМДАКАЖАМ. МК велат од Основен суд Скопје 1.

     

    Место да оди на издржување на казна затвор во траење од две години, Дамчевски им избегал на македонските правосудни органи. Освен казната затвор која Апелациониот суд ја потврди и ја зголеми од 1, 6 месеци на 2 години, Дамчевски има и забрана за вршење на дејноста во траење од 8 години.

    Порталот „Нова ТВ“ во своја истрага вчера објави дека Дамчевски го пронашле како работи во бугарската државна клиника „Мајчин дом“, па дури и закажале преглед кај него. Оттаму стигнала и официјална потврда дека избеганиот гинеколог ординира најнормално во установата.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира