БУНТ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ЧЛЕНОВИТЕ ИЗБРАНИ ОД СУДИИТЕ СПРЕЧИЈА ДА ПОМИНЕ ГОТОВ СПИСОК ЗА ГЛАСАЊЕ ЗА КЛУЧНИ МЕСТА ВО АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ

    БУНТ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ЧЛЕНОВИТЕ ИЗБРАНИ ОД СУДИИТЕ СПРЕЧИЈА ДА ПОМИНЕ ГОТОВ СПИСОК ЗА ГЛАСАЊЕ ЗА КЛУЧНИ МЕСТА ВО АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИСудиите Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд, Зоран Герасимовски од апелационо подрачје Скопје и Ивица Николовски од апелационо подрачје Гостивар кои во септември беа избрани за членови на Судскиот совет од колегите. (Фото: К. Попов)

    Тројцата новоизбрани членови на Судскиот совет, судиите Мирјана Радевска-Стефкова, Зоран Герасимовски и Ивица Николовски, на кои им се придружиле и останатите членови избрани од судиите: Мирсад Суроји, Мери Радевска и Сашко Георгиев, но и Весна Дамева, која е избрана на предлог на претседателот, на последната седница во четвртокот спречиле гласање на список без дебата.

    Според она што го дознавме од седумтемина „бунтовници“, претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска на седницата влегла со список на кандидати за членови на управниот одбор и на комисиите за приемен и за завршен испит на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

    Овие седум членови, не само што се избориле да се дебатира за судиите од списокот – кандидати за одлучувачки и битни места во Академијата, туку и најголемиот број не ги гласале. Тие се сега мнозинство и без нивните гласови, не може никој да биде избран. Предложиле нови имиња, но од сите 4 апелациони подрачја во Македонија, а не само од скопските судови какви што биле на списокот на претседателката на Советот.

    Новото мнозинство вели дека отсега во Судскиот совет ќе се работи по закон, а не по списоци. Осум члена на Советот ги избираат судиите од своите редови, три члена ги избира Собранието и двајца предлага претседателот, а изборот пак го врши Собранието. По функција членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но без право на глас.

    Само што почнала седницата, претседателката Црвенковска набрзина ги прочитала кандидатите и веднаш ги ставила на гласање, без никаква дебата за нив.

    Тогаш изреагирале седумтемина дека и тие имаат право да предложат кандидати и дека не може без дебата да гласаат за нејзините предлози. Тие ѝ укажале на Црвенковска дека речиси ниту еден од нив не исполнувал законски услов за функциите во Академијата, бидејќи таму биле предавачи, ментори и слично, и оти конфликт на интереси е забранет.

    За членови на управниот одбор на Академијата, Црвенковска ги предложила и претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев и судија Васка Масевска. Џолев, иако немал законски пречки, не го добил потребниот број гласови и не поминал. Масевска била избрана, но како заменик член.

    Седумтемина потоа предложиле свои кандидати и тие биле изгласани. Така, за членови на УО тие ги избрале Герасимовски и претседателот на Апелација Гостивар Беким Мемеди. Масевска ќе биде негов заменик.

    Бидејќи не исполнувале услови, од списокот на Црвенковска не прошле и судиите: Ирена Петрушевска, Сузана Дончева, Славица Наумовска и Марин Станевски, кандидати за комисијата за завршен испит во Академијата за судии.

    По неизгласување на најголемиот дел на нејзините предлози, тука Црвенковска ја прекинала седницата. Дала половина час пауза и ја напуштила салата, да провери дали навистина предложените не ги исполнуваат условите. Требало да се гласа и за последната од списокот, судијката Петранка Ташевска, и таа од Скопје, но до тоа не дошло.

    Црвенковска не се вратила на седницата, на членовите на Судскиот совет им кажале дека ќе продолжи друг ден.

    Пред да ја прекине седницата, седумтемина предложиле други кандидати за во комисијата за завршен испит во Академијата. Тоа се судиите: Ѓорѓи Андонов, претседател на Основниот суд Штип; Васил Баткоски и Зоран Стевановски (како негов заменик) од апелационо подрачје Битола; Розалинда Ристевска и Гордана Сајковска(заменичка) од Апелација Скопје; Златко Анѓелковски од Апелација Гостивар.

    Сите се усвоени како предлози.

    Седницата отпочеток докрај ја има следено Ивана Петковска, претставничката на невладината Коалиција „Сите за правично судење“.

    „На седницата присуствуваше претставник од Коалиција ‘Сите за правично судење’ во својство на јавност, така што можеме да потврдиме дека откако претседателката на Советот ја претстави својата предлог листа на кандидати, отвори дискусија без да им даде можност на останатите членови на Советот да предложат свои кандидати. По ова реагираа останатите членови на Советот, дека им е ускратено правото да предложат свои кандидати, па поради тоа седницата продолжи со изнесување на нови предлози за кандидати од страна на останатите членови на Советот. Дополнително, на седницата се отвори прашање дали еден дел од кандидатите кои беа предложени од страна на претседателката на Советот имаат формални пречки да бидат избрани согласно Законот“, ни одговорија од Коалицијата.

    И оттаму потврдија дека по неизгласување на предлозите на претседателката Црвенковска, таа прекинала седницата без образложение.

    „Откако беа номинирани кандидати за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители и Комисијата за приемен испит, претседателката на Советот даде пауза од половина час, меѓутоа, по завршувањето на паузата, претставникот од Коалиција ‘Сите за правично судење’ беше известен дека седницата е прекината и таа ќе продолжи наредната недела при што не беа образложени причините за ваквиот прекин“, ни изјавија од невладината организација која ја следи работата на судството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира