ЧЕКАВМЕ ЛАЗАРЕВСКИ И КОСТОВСКИ ДА ЗАВРШАТ СО СВЕДОЧЕЊЕТО ВО СУДСКИТЕ ПРОЦЕСИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ ЗА НИВНОТО ВРАЌАЊЕ НА РАБОТА ВО МВР

    ЧЕКАВМЕ ЛАЗАРЕВСКИ И КОСТОВСКИ ДА ЗАВРШАТ СО СВЕДОЧЕЊЕТО ВО СУДСКИТЕ ПРОЦЕСИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ ЗА НИВНОТО ВРАЌАЊЕ НА РАБОТА ВО МВР„Мене ми е задоволство што го сторив овој прием на работа на двајца врвни професионалци”, кажа Спасовски во Велес. - Спасовски со Лазаревски и Костовски (Фото: Фејсбук/Оливер Спасовски)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, двајцата разузнавачи од Управата за безбедност и контраразузнавање кои ги извадија „бомбите“ и му ги предадоа на ексдиректорот на УБК Зоран Верушевски, се дури сега вратени на работните места во МВР поради потребата двете лица непречено да сведочат во  тековните судските процеси за масовното нелегално прислушување.

    „Мене ми е задоволство што го сторив овој прием на работа на двајца врвни професионалци кои се јавија во улога на укажувачи и кои  покажаа како бил злоупотребуван системот во МВР. Така тие до крајот на својата кариера ќе се вложат во безбедноста на земјата, развојот на министерството.  Има причина зошто по толку време се случи нивното враќање на работа. Време е тоа да се открие. Чекавме да се заврши сведочењето за предметите кои се пред суд, а тие се во улога на сведоци. Ова за да не оставиме можност адвокатите на обвинетите, да не се жалат дека тие кои што  работат во МВР, истовремено даваат сведочења. Сакавме да не го загрозиме судскиот процес, свиркачите непречено да сведочат”, кажа Спасовски денеска во Велес.

    За побараната оставка како министер на МВР од страна на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски, Спасовски рече дека е наменска за митинзите на опозициската партија.

    ,,Ако смета дека во политиката е влезен за да повикува давање оставки,  треба да размисли за неговиот кредибилитет. Тој беше генерален секретар на потврдениот криминалец Груевски, во време во кое  ја водеа Македонија во бездна. Најмалку што може е да молчи, оти ваквите празни кликања пред граѓаните, без аргументи и дека така ќе добие плус, не водат никаде”, додаде Спасовски.

    На новинарско  прашањето како гледа на ослободителната пресуда за убиството во Ореше, предмет кој 10 години се водеше низ судовите а полицијата го води како расчистен, наспроти правосилната судска пресуда дека обвинителите не беа сторителите, Спасовски кажа:

    „Не е само овој процес, има и други каде одредени луѓе биле обвинувани, наспроти нерасчистените случаи, затоа  барам да се работи врз основа на факти и аргументи, докази се со цел да штитиме основни човековите права и слободи. Затоа е потребна поголема професионализација на полицијата”.

    Тој денес беше во посета на СВР Велес, каде зградата на велешката полиција доби ново руво, со инвестиција од 3 милиони денари.  

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира