Во завршните зборови на судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017, обвинителката Вилма Рускоска кажа дека обвинетиот Митко Чавков вечерта додека траел нападот во Собранието како носител на златна команда не бил во Министерството за внатрешни работи, туку во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Златната команда е во ВМРО-ДПМНЕ, информиран за се, а ништо не прави. Немал намера да даде навреме наредба. Чавков бил и во постојани контакти со Јане Ченто пред и после нападот на Собранието. Порака дента му испратил и на Никола Груевски дека ќе се избира претседател на Собранието. Иако анализа на телефонот на Чавков немаше, бидејќи рече дека го изгубил по болници, тоа е утврдено по вештачењето на телефонот на Трајко Вељановски, кој ја добил истата порака“ кажа Рускоска.
Според сведочењето на загрозен сведок, Јане Ченто и Александар Василевски – Нинџа после 27 април му биле лути на Чавков и дека цело време работеле по директива на Груевски.
Заштитениот сведок, како што кажа Рускоска, рекол дека лицата кои носеле пиштоли во Собранието, меѓу кои биле Игор Југ и Јане Ченто, требало да ги убијат Зоран Заев, Дамјан Манчевски и Зијадин Села.
„На крај, чесен суде, ќе кажам дека обвинителството докажа дека на 27 април е извршен организиран напад на Собранието. Докажа дека не беше спонтан напад на толпа луѓе и зовриени емоции, кои резултираа со неконтролирано насилство. Докажавме дека со умисла спроведен напад од лица кои седат во судот, но и оние кои благодарение на Законот за амнестија не се повеќе во судница. Докажавме дека дејствијата се поврзани со цел да се загрози уставниот поредок. Водејќи ја оваа постапка, очекувам во судница да седнат и организаторите на нападот“ рече на крај Рускоска.
Со завршните зборови на обвинителството заврши денешното рочиште. Судењето продолжува во понеделник со завршни зборови на одбрана.
А. АНТЕВСКА