Германската канцеларка Ангела Меркел по видеоконференциска врска го честиташе формирањето заеднички пазар и пазар на трудот на земјите од Западен Балкан и за постигнатиот договор меѓу нив за т.н. зелена агенда. Таа кажа дека е среќна што економијата ќе премине во економија без јаглерод двооксид.
Меркел во двете јавувања на самитот за Берлинскиот процес во Софија, не зборуваше за билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија. Самитот е во рамки на Берлинскиот процес, со кој копретседааваат премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.
„Во оваа ситуација во која се наоѓаат нашите економии, сè што ќе направите преку овој процес, ќе го поткрепи здравјето и просперитетот на граѓаните. Владите постигнаа согласност за зелена агенда и се што е постигнато е за заштита на климата на шесте земји од Западниот Балкан, како и за агендата за проширување, Берлинскиот процес и неговото напредување за помирување во регионот и здравјето на Европа“, рече Меркел.
Берлинскиот процес, рече канцеларката, ќе придонесе и за помирувањата со помирување на недоразбирањата и наследството од минатото, во соработката во науката, во развојот, иновацијата.
„За регионот она што морам да го кажам е дека мора да се согласувате едни со други. Не заборавајте, затоа што тоа е многу важно. Ве поканувам сите да дојдете во Берлин на лето, да измериме до кај сме стигнале со Берлинскиот процес“, рече таа и се поздрави преку камера со Борисов и Заев.
С. К. ДЕЛЕВСКА