Судија на претходна постапка определи мерка притвор во траење од 30 дена за четворица од петмината уапсени вчера за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27 април, додека за петтиот, поради влошена здравствена состојба, судот дополнително ќе одлучи, соопшти Јавното обвинителство. Тепачот, кому здравствената состојба му се влошила за време на вчерашниот распит, бил однесен на Клиниката за кардиологија.
„По предлог на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, судија на претходна постапка определи мерка Притвор во траење од 30 дена за четири лица кои се под истрага за сторено кривично дело Убиство во обид сторено во соизвршителство, од чл.123 во врска со чл. 19 и во врска со чл.22 од Кривичниот законик. За петтото лице за кое обвинителството исто така предложи определување на мерка Притвор, поради влошена здравствена состојба судот дополнително ќе одлучи. Постапката што се води против овие лица се однесува на настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април и нападот врз Зијадин Села“, соопшти Јавното обвинителство.
Полицијата вчера уапси уште тројца осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април за кои побара од граѓаните да помогнат во нивната идентификација. МВР претходно на својот веб сајт објави фотографии од три лица по кои што трага на барање на Скопското обвинителство со апел до граѓаните да пријават каква било информација во врска со нив.