ЧИЧКО ДРАГИ ОД „РЕКОРД“ САМО ЕДНАШ БАРА ПОМОШ ЗА СЕБЕ, А НЕ ЗА КУЧИЊАТА, ПОКРИВОТ НА НЕГОВИОТ ДОМ Е ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА

    ЧИЧКО ДРАГИ ОД „РЕКОРД“ САМО ЕДНАШ БАРА ПОМОШ ЗА СЕБЕ, А НЕ ЗА КУЧИЊАТА, ПОКРИВОТ НА НЕГОВИОТ ДОМ Е ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБАОд компликациите од оперативниот зафат на грлото се оставени последици во неговото физичко здравје, а тој станува лице со посебни потреби, со единствен приход од социјалната помош и приходот од тезгичката. (Фото: СДК.МК)

    Во строгиот центар на градот, веќе 30 години по ред, Драги Паровски, еден човек со големо срце, но и големи несреќи во животот, непрекинато се грижи за животните-скитници, од единствената мала заработувачка која ја влече од тезгичката со дре­бу­лии кај „Рекорд“.

    Неговата приказна е полна со трагедии, меѓутоа од сите препреки, во него секогаш знае да победи љубовта кон кучињата и мачињата, кои ги храни не само надвор, туку и во својот дом.

    Пред две години Драги, или како што го викаат „чичко Драги“ имал сериозна операција од рак на грлото, а поради која тој засекогаш го изгубил гласот. Така, тој комуницира пишувајќи на ливчиња, а највеќе преку неговиот поглед, кој секогаш изразува благодарност кон сите добродушни граѓани кои решаваат да му помогнат.

    Од минатата година Драги се соочува со непогода со состојбата на кровот на својата куќа, од каде влегува влага која поминува низ каблите на електрична енергија и оџакот. (Фото: СДК.МК)

    Чичко Драги е најсреќен е кога ќе му подарат храна за животните. На неговите ѕидови дома, може да се видат листови со забелешки од телефонски контакти и имиња на луѓе на кои сака да му ја возвратат помошта со скромни подароци. Токму заради неговата добрина секогаш имало луѓе кои му помагале, така што тој се потпирал на помошта од хуманите граѓани и општината Ѓорче Петров со прибирање средства за операциите и задоволување на основните потреби како храна и покуќнина.

    Драги се храни со јогурт, сок од домати кој сам го приготвува и банани поради состојбата на грлото. Секој ден има одреден час кога продава, кога мора да се врати дома за да ги нахрани кучињата, кога треба да ги менува газите на грлото и со таа рутина тој досега се одржува себеси и животните. Од компликациите од оперативниот зафат се оставени последици во неговото физичко здравје, а тој станува лице со посебни потреби, со единствен приход од социјалната помош и приходот од тезгичката.

    Како неговите маки да не беа доволни, од минатата година тој се соочува со друга непогода со состојбата на кровот на својата куќа, од каде влегува влага која поминува низ каблите на електрична енергија и оџакот. Врнежите постојано се зголемуваат, а со тоа, тој е принуден да живее во куќа со голем ризик од трагична опасност. Сега повторно тој нема друг излез освен да се надева на милоста на човечноста на луѓето, со кои го дели градот и ова тешко време на пандемија. Апелира за помош.

    По сериозна операција од рак на грлото, а поради која тој засекогаш го изгубил гласот, тој комуницира пишувајќи на ливчиња. (Фото:: СДК.МК)

    САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Општина Ѓорче Петров, дали ќе може и за санацијата на дупките на покривот да му помогне на сожителот. Оттаму ни кажаа дека се запознаени и со овој проблем на Паровски.

    „Пред околу една година бевме информирани дека на нашиот сограѓанин потребен му е нов покрив. Како општина која е позната по социјалната политика и локална самоуправа која секогаш на различни начини им помага на своите жители од ранливите категории, веднаш зедовме да направиме пресметка за конечна реализација на проектот. Во меѓувреме нè исконтактира невладина организација која изрази желба да го покрие трошокот, по што ѝ ги предадовме сите веќе изработени пресметки и сè што беше потребно за реконструкција на кровот. Оттогаш, немаме повратна информација до каде е реализацијата“, вели општината.
    Општина Ѓорче Петров на Драги од Хром досега му имала помогнато со парична помош, со дрва за огрев, а пред околу две ипол години градоначалникот Александар Наумовски го посетил неговиот дом.

    „По таа средба, дополнително му обезбедивме мебел, бела техника и покуќнина. Општина Ѓорче Петров во континуитет им помага на сите свои граѓани кои ќе побараат помош. Веќе имаме изработено и социјална карта преку која ги детектиравме социјално ранливите категории. На многу од нив досега им излеговме во пресрет“, додаваат од општината.

    Ф. ЗЛАТКУ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира