Проф. д-р Никола Јанкуловски е избран за нов претседател на Лекарската комора на Македонија, а д-р Идриз Орана за заменик-претседател, соопшти организацијата на сите доктори по медицина во земјата. Тој доаѓа на местото на досегашната претседателка, д-р Калина Гривчева-Старделова.
На седницата беа избрани и тројца потпретседатели, д-р Биљана Петковска Огњанова-потпретседателка за примарно здравство, д-р Ленче Нелоска- потпретседателка за секундарно здравство и д-р Ристо Тодоров – потпретседател за терцијарно здравство.
„Голема чест и уште поголема одговорност е да се биде на чело на Лекарската комора. Мојот фокус ќе биде насочен кон заштита и унапредување на правата и статусот на сите лекари во нашата земја, унапредување на транспарентноста во работењето на Комората и дигитализација на процесите, активно вклучување на Комората во носењето за законските измени од областа на здравство и преку нови функционални решенија да придонесеме за креирање на подобри услови за работа на докторите и лекување на пациентите “, изјави проф. д-р Јанкуловски.
Проф. д-р Јанкуловски е истакнат супспецијалист по абдоминална хирургија, долгогодишен редовен професор на Катедрата за хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје, а ги извршуваше и функциите на директор на Клиниката за дигестивна хирургија, во два мандати декан на Медицинскиот факултет во Скопје и во два мандати ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.



