Премиерот Зоран Заев би сакал да се дојде до некое решение за спорот за името пред Самитот на Европскиот совет, кој се одржува од 25-29 јуни и каде се носат одлуките за добивање датум за пристапни преговори со ЕУ.
„Верувам дека пред сè треба да бидеме креативни и посветени и јас би сакал некаде пред Самитот на Советот на Европа, а потоа и Европскиот совет, тоа е 25, 26, па 28 и 29 јуни, да се носат одлуките за добивање датум за преговори или не. Дотогаш да имаме некое решение, па дури треба да знаеме дека и да има приближување на она што е останато, во Грција и Македонија мора да направиме внатрешен процес на консултации“, изјави Заев денеска во Росоман на почнувањето на втората фаза од изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп.
За најавената средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас на маргините на Самитот на ЕУ во Софија на 17 мај, Заев рече дека целта е да направат рекапитулар на тоа што досега е разговарано и да им дадат смерници на министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас, кои директно преговараат.