Собранието им даде зелено светло на измените на Законот за судска служба, Законот за јавнообвинителска служба и на Законот за извршување на санкциите, со кои техничките лица и администрацијата во овие институции, ќе добијат зголемување на платите од најмалку 12 отсто. Овие измени се ставени на дневен ред во Собранието на предлог на министерот за правда Никола Тупанчески, по скратена постапка.
Денеска, тие од Собранието добија зелено светло да одат на матичната собраниска комисија за да не има некои амандмани, по што по брза постапка ќе се вратат на конечно гласање во пленарната сала.
Предлагачот Тупанчески кажа дека итно е потребно платите на овие, како што кажа, многу важни алки во синцирот на правосудството, а кои не се судии или обвинители, но и платите на затворската служба, да се усогласат со минималната плата. Таа одамна е зголемена и сега изнесува 18.000 денари.
Но, Тупанчески спомена и дополнителна мотивација за администрацијата во правосудните институции и во затворите, која ќе ја добијат со измените на овие закони.
„Овие технички служби се многу важен сегмент за функционирање на судската и на јавнообвинителската власт, како и за извршувањето на санкциите. Барам да ги мотивираме во нивните примања, за да може тие да возвратат на уште попрофесионален начин и да придонесат за владеење на правото“, кажа тој.
С. К. ДЕЛЕВСКА