Премиерот Зоран Заев ги повика граѓаните, посебно младите, да гласаат на референдумот на 30 септември и на тој начин да ја искористат шансата за која целиот свет ни вели дека е историска, во говорот на прославата на Денот на независноста на платото пред Владата. Тој вели дека на 30 септември ќе се одлучува дали ќе останеме сами, изолирани и беспомошни или ќе одиме напред, во европските и светските семејства, во Европската Унија и НАТО.
„Можеме, ако се држиме заедно, ако кренеме глава и ако ја зграпчиме шансата за која се изборивме заедно, шансата за која целиот свет ни вели дека е историска. Драги млади, ве повикувам да се вклучите во новата историска одлука која е пред нас бидејќи одлуката ќе го исцрта вашиот животен пат. Бидете будни и гласни, преземете конкретен чекор на 30 септември. Вие одлучувате, за вас, за вашата иднина. Одлучувате дали ќе останеме сами, изолирани и беспомошни или ќе одиме напред, во европските и светските семејства, во Европската Унија и НАТО“, кажа Заев.
Тој се извини во името на сите политичари од независноста до денес за, како што кажа, слабата економија и осиромашените граѓани.
„Во изминатите 27 години Македонија не го обезбеди напредокот за кој сонуваа македонските граѓани. Токму поради тоа, вечерва, да изразиме жалење во името на сите политичари од независноста до денес, што многумина од граѓаните не успеаа да го остварат својот сон за поуспешен живот, за подобро платена работа, подобро образование и здравство. Затоа, ајде сите заедно независноста да ја завериме, неизвесноста да ја протераме. Да се определиме за подобар живот, со повисоки приходи, за добри работни места. Безбедна, сигурна, мирна, пријателска и стабилна. Европска Македонија“, рече Заев.