Да се дозволи пушење на терасите на угостителските објекти, без оглед дали терасите се отворени или затворени, се бара со предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од пушењето, кој група пратеници го поднесе до Собранието со барање измените да се донесат во скратена постапка. Предлогот го поднесоа Томислав Тунтев, Јован Митрески, Петре Шилегов (од СДСМ), независната пратеничка Ивана Туфегџиќ и Мирсада Емини-Асани и Шпреса Хадри од ДУИ.
Во образложението на предлог законот стои дека актуелните законски решенија се ригорозни и предизвикале пад на прометот кај угостителските објекти за 75 отсто, бидејќи угостителите биле принудени или ги одвраќаат гостите да пушат или да бараат од нив ако сакаат да пушат да излезат не само надвор од објектот, туку и надвор од терасата.
„Идејата со предложените законски измени е да се дозволи пушење на терасите од угостителските објекти, без оглед дали се отворени или затворени. Со тоа ќе бидат сите угостителски објекти еднакви пред законот, а не како досега во зависност од блискоста со инспекциските служби или во зависност од блискоста со власта едни да бидат казнувани, а други не“, вели пратеникот Томислав Тунтев, овластениот претставник на предлагачите на законските измени.
Тој додава дека измените се потребни од повеќе причини, не само поради тоа што е паднат прометот на угостителите. Според него, со сегашните ригорозни законски решенија не се намалил бројот на пушачи во земјава, и тврди дека бројот зголемил од 42 на 46 отсто, но не наведува извор на овие податоци.
„Најочигледна причина се драконските казни што во време на претходната власт беа изрекувани на дел од угостителите. Сметам дека ова треба да биде преодно решение додека не обезбедиме совесни луѓе во инспекциите и државните органи, кои законот еднакво ќе го спроведуваат“, вели Тунтев.
Тој објасни дека на првата наредна седница Собранието треба да одлучи дали предлог-законот треба да се носи во итна постапка, а потоа во собраниската комисија за здравство ќе организираат јавна расправа.
„Од јавната расправа ќе зависи дали измените ќе поминат или не. Сакам да нагласам дека овие измени не се на една политичка партија, бидејќи јас овие измени ги предлагав кога бевме опозиција. Од нашиот коалиционен партнер ДОМ веќе се изјаснија дека нема да го поддржат предлогот, и затоа ќе лобирам и кај пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат“, рече Тунтев.
За овој предлог закон се разви дебата по социјалните мрежи, за тоа дали треба или не треба да се менуваат постоечките законски решенија. Многумина во дискусиите укажуваат на фактот дека поважно од измената е да се спречи неселективното применување на законот за забрането пушење. Имено, јавна тајна е дека постои коруптивна спрега меѓу инспекциите, локалните власти и газдите на угостителските објекти и дека токму поради таа спрега во дел од објектите се пуши и внатре без казни. Многумина укажуваат и на фактот дека кафеанџиите го узурпираат јавниот простор, а го кршат и постоечкиот закон за забрането пушење со тоа што терасите ги имаат целосно покриено со најлонски ѕидови од сите страни поставени на метални конструкции и тие се де факто затворен, а не отворен простор.
Независната пратеничка Ивана Туфекџиќ, која е дел од групата пратеници кои бараат законски измени, на својот фејсбук профил напиша дека во член 2 од измените на постоечкиот закон стои: „Се забранува пушењето во јавните простории од членот два на овој закон. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, бавча и слично). Според Туфекџиќ, со измените терасите со фолии нема да се третираат како затворени објекти, односно делот надвор од објектот во кој е предвидено да се пуши ќе остане за пушачите.
Аналитичарот Јордан Шишовски во одговор на овој пост вели дека во сегашниот закон има јасна дефиниција на тоа што е „надвор“, односно се определува како отворено од три страни за да може да излегува чадот.
„Сега оваа дефиниција се брише, па што е тоа надвор е слободна интерпретација на газдите. Затворените тераси се вадат од категоријата јавен простор, со тоа забраната за пушење не важи кај нив. Во основа на мала врата се воведува нова институција во кафаните-затворена ѕидана бавча, во која се пуши внатре, ама по законот тоа се вика надвор. Тоа ново надвор може да биде 95 отсто од кафиќот и никому ништо“, вели Шишовски.
Е. БОЧВАРОСКА