Ѓуро Јовчевски , одговорен за противпожана заштита во Националниот парк „Галичица“ во видеообраќање до медиумите рече дека бараат итни измени во законот со најригорозни казни за сите оние кои придонесоа во државата да се појават големиот број пожари.
„Најригорозни казни за сите кои ѝ го прават ова на нашата татковина. Нема потреба да се шири паника, луѓето да бидат спокојни. Ова го сметаме за наш повик да ја заштитиме природата и човечките животи, а не за должност. Нема да има никаков проблем ни за населението, ни за човечките животи“, рече Јовчевски.
Денес пожарот на Галичица кој е активен веќе 11 дена, откако се префрли од албанска на македонска страна, го гаснат 120 лица. Вклучени се ренџерите на Националниот парк „Галичица“, вработени во Националниот парк „Пелистер“, Парк на природа „Езерани“, Планинската спасителна служба од Охрид, друг тип доброволци, пожарникари од Битола и Охрид, ДЗС и други.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов рече дека гаснењето беше отежнато поради големиот број неексплодирани убиствени средства останати во повисоките делови од планината од претходните војни. Во изминатите денови додека трае пожарот се слушнале над 100 експлозии. Поради што и тактиката во гаснењето била беше да се почека пожарот да се спушти пониско.
„Денес е осигурана источната страна на Галичица вдолж Преспанското Езеро каде огнот беше влезен во буковата шума, се прават појаси со машини, 40 луѓе се на позиција од раните утрински часови, масовна бројка, бидејќи е нова техника со гасење во високостеблеста шума“, рече Јовчевски.
Од огнот спасена е куќата на Црвениот крст, а безбеден е и патот за моторните возила преку Галичица. Најкритична точка е северозападиот дел, каде според Јовчевски, потребно е под итно да гаснат воздухоплови.
„Очекувам пополека ликвидирање на пожарот на северот и истокот , а на западниот дел денес се очекува 3 авиони и хеликоптер да гаснат. Очекувам да ја намалува својата кулминација во следните денови“, додаде Јовчевски.
Ангелов рече дека пожарот на Галичица од пред неколку дена навлезе од албанска страна, а се обидуваат да го совладаат пожарот кој се протега на двете страни на планината, и од страната на Охридското Езеро и од страната на Преспанското Езеро.
Според последниот извештај, вчера во државата имало 49 пожари, а денес до 13 часот има 22 пожара. Од нив 3 се изгаснати, 9 се под контрола и 10 се активни.
Ж. ЗДРАВКОВСКА