Да се избегнува групирање и подолг престој во затворени простории, редовно проветрување на просториите, почесто миење раце и избегнување близок контакт со заболени лица, се дел од препораките од последниот состанок на Комисијата за заразни заболувања.
Регистрирано е зголемување на бројот на позитивни случаи на ковид-19 во споредба со минатата недела и затоа Комисјата апелира да се почитуваат општите мерки за превенција од респираторни инфекции, и додава дека вакцинацијата е најефикасен начин за заштита од тежок облик на болеста.
„На состанокот, Комисијата ја реафирмираше препораката дека тестирање за ковид-19 не е услов за прием во здравствена установа. За ковид треба да се тестира исклучиво според индикација, односно доколку пациентот има симптоми карактеристични за ковид“, вели Комисијата.
Оттаму потенцираат дека пациентите треба да се лекуваат од основната болест и во соодветната здравствена установа, дури и ако се ковид позитивни, со тоа што здравствената установа треба да обезбеди услови за минимизирање на опасноста од ширење на болеста на другите пациенти и на персоналот со изолирање на позитивните пациенти.
„Сѐ е под контрола, нема простор за паника, расте позитивноста на детектирани случаи со Сарс Ков-2, но немаме тешки форми на болеста, речиси целосно сите случаи се истретирани амбулантски. Има нови варијанти на вирусот кои полесно го избегнуваат имунитетот и полесно се врзуваат за рецепторите во организмот на инфицираниот и тоа е една од основните прицини за пораст на случаите во овој период“, ни изјави вчера д-р Злате Мехмедовиќ од Комисијата.
Б. НЕСТОРОСКА