Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ денеска на протестот пред Собранието побара да се објави целокупната документација за работата на дискотеката „Пулс“, но и за останатите трагедии кои се случија изминативе години. Протестот беше организиран пред Собранието во знак на револт кон пратениците кои решија две недели да не работа, да не одржуваат седници, ниту да работат собраниските комисии.
„По случајот во дискотеката ‘Пулс‘ нашата иницијатива има дилеми дали институциите ќе ја спроведат правдата. Поради тоа бараме транспарентно и целосно да се објави документацијата поврзана со работењето на дискотеката од 2012 година до денес. Бараме да се објави документацијата од Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Државниот градежен инспекторат, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за урбанизам, локалната самоуправа во Кочани, локалниот градежен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Управата за јавни приходи и консултативното тело за безбедност и превенција во Кочани“, рече Борјан Ефтимов од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.
Од „Кој е следен?“ побараа да се објави документацијата и за случаите „Беса транс“, „Дурмо турс“, Онкологија и за пожарот во тетовската модуларна болница.
Од „Кој е следен?“ рекоа дека имаат барања и до инспекторите од централно и локално ниво, односно сметаат дека треба да се формира граѓански сервис „Е-инспекторат“, кој ќе овозможи транспарентно работење на сите инспекторати во земјата.
„Со ова, секој граѓанин ќе може да има увид во тоа кои објекти биле предмет на надзор, а кои не. Како што досега бевме принудени да проверуваме кога воздухот е загаден за да знаеме кога можеме да излеземе надвор, сега сме во ситуација да проверуваме кога нашата безбедност е загрозена и кои објекти ја гарантираат“, истакнаа од иницијативата.
Покрај тоа, предлагаат воведување централен телефонски број за пријавување нерегуларности во работата на инспекторатите. На овој број, секој граѓанин ќе може да пријави неправилности, кои потоа ќе бидат проследени до надлежните институции, рекоа од „Кој е следен?“.
По трагедијата во кочанската дискотека во која загинаа 59 лица од кои шест малолетни, а повредени беа околу 200, иницијативата „Кој е следен?“ организираше собир на Плоштадот Македонија и марш низ улиците на Скопје насловен „Системот е следен“.
А. АНТЕВСКА