ДА СЕ УКИНЕ НАЦИОНАЛНАТА КОМИСИЈА ЗА ДИЈАБЕТЕС ОТИ Е ПРОТИВУСТАВНА, БАРААТ ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ

    ДА СЕ УКИНЕ НАЦИОНАЛНАТА КОМИСИЈА ЗА ДИЈАБЕТЕС ОТИ Е ПРОТИВУСТАВНА, БАРААТ ДИЈАБЕТИЧАРИТЕСо самото постоење на Националната комисија за дијабетес се деградира и лекарската фела, вели претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари Бојан Киров (архивска фотографија)

    Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија предлага да се укине член 248-а од Законот за здравствена заштита, односно да се укине Националната комисија за дијабетес милитус, бидејќи сметаат дека нејзиното постоење е противуставно.

    Ова е само еден од предлозите за измена на Законот за здравствена заштита, кои дијабетичарите ги доставиле во Министерството за здравство по вчерашната средба на здруженијата на пациенти со министерот за здравство Арбен Таравари.

    „Сметаме дека овој член од Законот е спротивен на Уставот, бидејќи е деградирачки поставен кон една категорија граѓани, идентификувајќи ги како посебна група. Во законот не постои ниту една друга пациентска група која е одвоена“, велат од Сојузот на здруженија на дијабетичари.

    Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари, вели дека со самото постоење на Националната комисија за дијабетес се деградира и лекарската фела, бидејќи во случајов лекарот што го води пациентот сам не може да одлучи каква терапија ќе му даде, ако тоа не го одобри комисијата.

    „На вчерашната средба со министерот Таравари на која присуствуваа уште четириесетина други здруженија на пациенти од нас беше побарано да дадеме свои предлози за измена на Законот за здравствена заштита. Издвоивме неколку точки што мислиме дека се важни за луѓето со дијабетес. Освен укинување на Националната комисија, сметаме дека треба да се направи и законска измена со која правото да препишува инсулин сега го имаат само специјалистите во јавните здравствени установи. Сметаме декаа лекарот специјалист како носител на дејноста, без оглед каде работи треба да може да препишува терапија на своите пациенти“, рече Киров.

    Дијабетичарите бараат набавката на инсулин да биде согласно најновите светски стандарди, а инсулинските аптеки да нарачуваат инсулин согласно потребите, а не како досега по налог на Министерството за здравство, поради што често доцнеше доставата на терапијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира