ДАДИЛКА – ЖРТВА НА ВООРУЖЕН ГРАБЕЖ ВО ФРАНЦИЈА СВЕДОЧИ ПО ВИДЕОКОНФЕРЕНЦИСКА ВРСКА ОД ГЕВГЕЛИСКИОТ СУД, РАЗБОЈНИЦИТЕ ЌЕ ЈА УБИЕЛЕ ЦЕЛА ФАМИЛИЈА СО ДЕТЕТО КОЕ ГО ЧУВАЛА

    ДАДИЛКА – ЖРТВА НА ВООРУЖЕН ГРАБЕЖ ВО ФРАНЦИЈА СВЕДОЧИ ПО ВИДЕОКОНФЕРЕНЦИСКА ВРСКА ОД ГЕВГЕЛИСКИОТ СУД, РАЗБОЈНИЦИТЕ ЌЕ ЈА УБИЕЛЕ ЦЕЛА ФАМИЛИЈА СО ДЕТЕТО КОЕ ГО ЧУВАЛАГолемата порота на францускиот Апелационен суд го следи сослушувањето на гевгеличанката во просториите на Основниот суд Гевгелија. - Сведокот е на екранот горе. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд Екс-ан-Прованс, Франција, вчера и денеска е во Основниот суд Гевгелија во кој по видеоконференциска врска сослушува сведок, гевгеличанка, која како дадилка преживеала вооружен грабеж во Франција.

    Оштетената во просториите на Гевгелискиот суд сведочи за разбојништвото кое се случило пред шест години. Судот во Гевгелија на барање на францускиот Апелационен суд експресно организираше сослушување по сите европски стандарди за една ваква тешка кривична постапка.

    Се работи за разбојништво, извршено од организирана група од четворица луѓе, на кои им се суди, заради противправно одземање на туѓи подвижни предмети – пари, накит и техничка стока. Во овој судски процес им се суди на двајца од четворицата разбојници.

    Разбојништвото било извршено со противправно лишување од слобода на повеќе лица – газдите (родителите), дадилката – сведок и нивната мала ќерка.

    Се работи за тешко кривично дело, при кое, според обвинението на француските власти, четворицата разбојници киднапираната фамилија и дадилката – сведок ги држеле со вперени пиштоли за да го отворат сефот. Ги тепале, се заканувале дека ќе ја киднапираат ќерката.

    „Вчера 17.05.2021 година, во периодот од 16.30 до 19.00 часот, преку видеоконференциска врска беше спроведено сослушување на сведок, по барање од Апелационен суд во Екс-ан-Прованс, Франција до Основниот суд Гевгелија. Барањето Франција го достави врз основа на Европската Конвенција за меѓународна правна помош во кривичната материја и Дополнителниот Протокол кон Европската Конвенција за за меѓународна правна помош во кривичната материја. Побарана е меѓународна правна помош од Основен суд Гевгелија за сослушување на сведок преку видеоконференциска врска, на рочиште закажано за 17 и 18 мај 2021 година пред Поротниот кривичен суд во Буш-ди-рон, Франција што заседава во Апелациониот суд во Екс-ан-Прованс. По доставувањето на Замолницата за меѓународна правна помош од Министерството за правда на РСМ до Основниот суд Гевгелија, судот веднаш стапи во контакт со техничката служба во Апелационен суд во Екс-ан-Прованс”, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката на Основен суд Гевгелија Злата Попова.

    Сведокот вчера се вознемирил за време на сослушувањето бидејќи одново поминал низ настанот од пред шест години. (Фото: СДК.МК)

    Овој судски процес има првостепена ослободителна пресуда за обвинетите за кои имало снимки од безбедносните видеокамери како влегувале во куќата, и тоа без фантомки. Ослободителната пресуда била изречена затоа што иако имало снимка како влегуваат, немало ДНК-траги од разбојниците како вршат тежок вооружен грабеж со насилство врз семејството и дадилката. Оттаму, таа за првпат во постапката е повикана за сведок на надлежното обвинителство од Франција.

    Заради усогласување на техничките карактеристики за воспоставување на врската, гевгелискиот суд го обезбедил сведокот – лице со живеалиште и престојувалиште во Гевгелија, и во закажаниот термин, во присуство на Основниот јавен обвинител на ОЈО Гевгелија Василка Садикова Ковачева, судот преку судијата Билјана Делова Николова изврши сослушување на наведеното лице во својство на сведок преку видеоконференциска врска со Франција.

    „Сослушувањето беше извршено преку овластен судски преведувач од македонски на француски јазик и обратно, Ѓорѓе Ангелов од Гевгелија, кој покрај на француски јазик, е овластен судски преведувач и на уште три јазици. Ако се има предвид времето на постапување – дека Апелационен суд во Екс-ан-Прованс го составил барањето за меѓународна правна помош на 23.04.2021 година, го доставил до Министерството за првада на РСМ на 27.04.2021 година, а Министерството за правда го достави до Основниот суд Гевгелија на 10.05.2021 година и закажаното рочиште на 17.05.2021 година беше навремено уредно и успешно завршено, може да се каже дека Основниот суд Гевгелија е спремно да реагира на меѓународно ниво, исполнувајќи ги преземените обврски од страна на државата со наведената Конвенција, односно судството спремно одговара на барањата од земја членка на ЕУ“, вели претседателката Злата Попова.

    Претходно сведочење по видеоконференциска врска беше спроведено само во случајот „Титаник 3″ за изборни фалсификати. Сведок од Германија беше испрашуван од страна на обвинителството, сведочењето јавноста го следеше на голем екран во единствениот солидно опремен суд во државава – Основниот кривичен суд Скопје. За сведочење по видеоконференциска врска во обратна насока, пак, на барање на странски судови, обвинители и порота, се до синоќешното сведочење преку Гевгелискиот суд, јавноста досега не беше запознаена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира