ДАНОЧЕН ИСПЕКТОР ОБВИНЕТ ЗА ПРИМАЊЕ ПОТКУП ОД 5.000 ЕВРА

    ДАНОЧЕН ИСПЕКТОР ОБВИНЕТ ЗА ПРИМАЊЕ ПОТКУП ОД 5.000 ЕВРАПрвообвинетиот се товари дека како даночен инспектор во Управата за јавни приходи– Регионална дирекција Скопје, индиректно, преку двете други обвинети лица, побарал 5.000 евра од вработена во едно правно лице.(Фото:СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело Примање поткуп како и за две лица за помагање при извршување на истото кривичното дело.

    Првообвинетиот се товари дека како даночен инспектор во Управата за јавни приходи – Регионална дирекција Скопје, индиректно, преку двете други обвинети лица, побарал 5.000 евра од вработена во едно правно лице.

    Парите потоа лично ги примил за да не изврши службено дејствие што би морал да го изврши, односно да направи дополнителни и детални контроли на даночниот субјект по однос на пресметката за плаќање на даночната обврска на правното лице во кое основач и управител била сестра на оштетената.

    Во извршувањето на кривичното дело со умисла му помогнале двајцата други обвинети, сопственици на сметководствено биро од Скопје.

    Обвинетите, на 5 декември 2018 година, во еден угостителски објект, организирале средба на која оштетената на првообвинетиот му предал 5 илјади евра. Банкнотите биле претходно обележани од полицијата. Обвинетиот ги ставил обележаните банкноти во џебот од палтото и по интервенција на полициските службеници бил затекнат со нив кога го напуштал угостителскиот објект.

    По предлог на надлежен јавен обвинител, на првообвинетиот по лишувањето од слобода му беше определена мерка притвор, која му била заменета со куќен притвор.

    Поради опасност од бегство, и основан страв дека обвинетиот ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело, јавениот обвинител доставил предлог до Основниот суд Скопје 1 Скопје за продолжување на мерката куќен притвор.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира