ДАТА-ЦЕНТРИТЕ СЕ ИДНИНАТА НА ЧОВЕШТВОТО, КАКО ПРОФЕСОР И ИНЖЕНЕР СТОЈАМ ЗАД ОВАА ИНДУСТРИЈА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ДАТА-ЦЕНТРИТЕ СЕ ИДНИНАТА НА ЧОВЕШТВОТО, КАКО ПРОФЕСОР И ИНЖЕНЕР СТОЈАМ ЗАД ОВАА ИНДУСТРИЈА, РЕЧЕ МИЦКОСКИОпозициската СДСМ остро ја критикуваше идејата за изградба на дата-центри. укажувајќи на бројните ризици што ги следеат податочните центри во многу земји во светот, особено во поглед на потрошувачката на електрична енергија, бучавата и користењето на водните ресурси, (Фото: К. Попов)

    Дата-центрите се иднината на човештвото и ако сакаме да бидеме лидери во регионот, треба да ја поддржиме оваа индустрија, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, откако на 25 август Советот на Општина Пехчево ја отфрли иницијативата за изградба на вакви центри.

    „Ќе се градат дата-центри оти тоа е иднината на човештвото. Ние едноставно треба да одлучиме како држава дали сакаме да бидеме лидери во регионот или повторно да бидеме на дното. Ако сакаме да бидеме лидери, тогаш тоа е иднината и јас апсолутно, и политички и како професор и како инженер, стојам позади изградбата на оваа индустрија и ќе ја поддржам целосно“, рече Мицкоски по посетата на Општина Берово.

    Советот на Општина Пехчево на 25 август едногласно ја отфрли иницијативата за изградба на дата-центар во градот. Против гласаа сите деветмина советници, односно петмина советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и коалицијата и еден од Движење ЗНАМ.

    Опозициската СДСМ остро ја критикуваше идејата за изградба на дата-центри, укажувајќи на бројните ризици што ги следеат податочните центри во многу земји во светот, особено во поглед на потрошувачката на електрична енергија, бучавата и користењето на водните ресурси,

    „Ги слушам оние полемики кои доаѓаат од опозицијата. Далеку од вистината е тоа што го кажуваат. Замислете што би се случувало со светските мултинационални компании кои имаат вредност од неколку трилиони долари ако тие влијаеле негативно врз квалитетот на животот на граѓаните. Гледам јавна дебата на некои од медиумите блиски до опозицијата што ги испраќаат пораките кој ќе ја плати струјата. Струјата ќе ја плати оној што ќе ја троши, по цена која ќе ја договори на слободниот пазар. Кога станува збор за системот на ладење, и тука сакам да кажам дека испраќаат пораки кои се стари 10, 15, 20 години. Има сосема поинакви начини на ладење, во зависност од намената на тие дата-центри, дали тие ќе се користат за вештачка интелигенција или за други цели“, додаде Мицкоски.

    Тој кажа дека во државата има дата-центар во Прилеп, кој е секундарен, а во рамките на рефермската агенда на Владата постои проект за изградба на национален дата-центар, кој преку системот на интероперабилност ќе ги собере сите институции на едно место.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира