Љупчо Стојановски, дедото на Тамара Димовска од Велес која почина во 2015 чекајќи операција на ‘рбетот во странство, денеска во Кривичниот суд во Скопје доби седум и пол години затвор за обид за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Стојановски пукаше во него непосредно пред тој да ја предаде должноста на новиот министер Арбен Таравари на 1 јуни лани.
Стојановски има право на жалба на првостепената пресуда пред Апелацискиот суд во Скопје. Тој претходно од овој суд доби преиначување на првостепената пресуда за нелегално поседување оружје, и од условна казната му беше сменета во ефективна – една година затвор, по признанието на вина.
Стојановски се товареше за две кривични дела – обид за убиство и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Според она што го кажал пред полицијата, тој на 1 јуни лани дошол утрината сам во Скопје. Кај себе имал повратен билет за Велес. Кажал дека тој најпрвин го чекал Тодоров дома, но ексминистерот не се појавил. Потоа дошол пред Министерството за здравство и веднаш кога му се појавил пред очи, почнал да пука кон него. Тодоров не беше повреден.
Мајката на Тамара тогаш рече дека револтот во семејството е голем, но дека никогаш не помислила оти нејзиниот татко ќе посегне по животот на ексминистерот Тодоров, од кого семејството на починатото девојче и целата јавност во Македонија до денес секојдневно бараат одговорност за нејзината смрт.